Советот на општина Охрид, денеска, ќе ја одржи дваесет и деветтата седница.

Предлог одлуката за давање согласност на одлука за задолжување на ЈП „Охридски Комуналец“ со долгорочен кредит во Охридска банка АД Охрид, предлог одлука за давање согласност на одлуката за отстапување на движни основни средства – транспортни средства, опрема и други основни средства од ЈП „Охридски Комуналец“ на ЈП „ Градски пазар“ , предлог одлука за давање согласност на одлуката за отстапување на правото на располагање, користење и управување како и правото на сопственост на недвижности од ЈП „Охридски Комуналец“ на ЈП „ Градски пазар“ , како и за давање согласност на одлуката за отстапување на движни основни средства,транспортни средства, опрема и други основни средства од ЈП „Охридски Комуналец“ на ЈП „ Погребни услуги “- се само дел од точките предвидени на дневен ред на седницата.

Посебно внимание привлекува Предлог одлуката за давање согласност на одлуката за утврдување на висината на надоместокот за „ Солидарен пакет- погребни услуги“. Операторот за извршување погребални услуги „Мирен сон“ од Охрид деновиве ги предупреди градските советници дека евентуалното изгласување на оваа Предлог одлука, ќе претставува кршење на Законот за гробишта и погребални услуги.

– Апелираме до советниците во Советот на Општина Охрид дека изгласувањето на точката бр.9 би значело дополнително оптоварување на граѓаните со незаконски надоместок, кршење на Законот за гробишта и погребални услуги на РМ , Законот за заштита на конкуренцијата на РМ ; и повторно создавање на монопол,  контролирање и затворање на слободниот пазар на штета на граѓаните, а остварување на екстра профит за организаторот под маска на солидарност и хуманост, велат од „Мирен сон“.
   
Оттаму објаснуваат дека во позитивните законски прописи на Република Македонија не постои категорија  – надоместок “солидарен пакет- погребни услуги” ; “солидарен погреб” ; “наменско осигурување” итн. бидејќи примарен закон во дејноста вршење на погребални услуги е Законот за гробишта и погребални услуги на РМ и тој не предвидува ниту една од наведените  услуги.