Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и вицепремиерот за европски прашања, Васко Наумовски по Состанокот на комитетот за следење на визната либерализација најавија засилени контроли и санкции за барателите на азил како и за организаторите на нелегална миграција.

Јанкулоска официјално најави индивидуални санкции за неуспешните баратели на азил, но неофицијално властите размислуваат за одземање на пасошите ако некој неосновано побара азил.

Владата планира во кривичниот законик да вметне и ново кривично дело поврзано со организирањето на нелегалната миграција.
„Се договоривме да побараме и податоци од земјите каде што има најголем број на азиланти, но и од комесарот кој ја покрива областа за внатрешни работи и миграции, за лицата кои побарале азил, за да разгледаме соодветна можност во евентуална постапка да примениме и дополнителни санкции за овие лица, бидејќи очигледно е дека тие направиле злоупотреба, иако таа злоупотреба се случила во друга земја и несомнено за тоа треба да одговараат. Разгледуваме можност и за воведување на ново кривично дело  за оние кои организираат нелегална миграција, како и за индивидуални санкции за неуспешните баратели за азил“ изјави Јанкулоска.

И министерот за правда е согласен да направи една подготовка на измена на кривичниот законик во насока на предвидување на ново кривично дело поврзано со организирање на нелегална миграција.

“Ние секогаш сме подготвени да ги следиме трендовите на државата за спречување на одредени незаконски дејствија“ рече Маневски.

Вицепремиерот за европски прашања, Васко Наумовски вели дека не верува дека може да се укине визната либерализација за Македонија.

“Не верувам дека може да се дојде до губење на визната либерализација затоа што како држава се она што го направивме посебно во областите кои што ги покрива МВР при процесот на добивање на визна либерализација беше направено со многу напори и преку исполнување на конкретни критериуми. Сите активности што тогаш беа оценети беа највисоко оценети од претставниците на Европската комисија. Меѓутоа постојат поединци кои сакаат да ја загрозат оваа придобивка на македонските граѓани и ние ќе направиме се овој процес да биде запрен и тие да бидат соодветно санкционирани“, рече Наумовски.

Од министерството за внатрешни работи немаат конкретни податоци колку азиланти се вратени во Македонија. Велат дека тоа е континуиран процес и дека во повеќе наврати се вратени групи од 10 до 50 лица. Последната група азиланти од 30 лица, од кои петмина се од Македонија, се очекува да пристигне на 19 мај.

На прашање, зошто туристичките агенции кои имаат поврзаност со владејачките коалициски партнери не носат последици, министерката вели дека сите туристички агенции носат последици и одговараат пред законот.

Европската комисија пред извесно време најави суспензија на визната либерализација за Македонија и Србија. За помалку од еден месец за ова прашање ќе решава Советот на министрите на Европската унија за внатрешни работи.

OhridNews
извор: “Макфакс“