Владата го усвои предлог законот за доброволно здравствено осигурување, со кој се уредува нов систем на доброволно здравствено осигурување, кој вклучува два типа осигурување – дополнително и приватно. Како што појаснуваат од министерството за здравство, законот се базира на два аспекта – првиот се однесува на дополнителното осигурување кое ги покрива трошоците за партиципација и вториот аспект е приватното здравствено осигурување, кое ќе може да го набават како осигурителен продукт граѓаните од осигурителните компании за да го користат во приватните здравствени установи.

Целта на доброволното здравствено осигурување е да понуди поголем комфор за пациентите, надстандардни услуги и помалку време за чекање.

– Пакетите ќе ги нудат осигурителните компани и тие ќе се однесуваат за дејности кои се надвор од мрежата на јавно финасираните здравствени услуги. На пример, со дополнителното здравствено осигурување, осигурениците ќе можат да го покријат делот за партиципацијата, односно ако треба за одредено ортопедско помагало да се доплатат 500 денари, нема да ги плати осигуреникот, туку ќе ги плати осигурителната компанија. Значи, дополнителното здравствено осигурување ја покрива само партиципацијата“, изјави министерот за здравство Никола Тодоров.

Доколку осигуреникот се одлучи за приватно здравствено осигурување, тогаш ќе бидат покриени трошоците за повисок стандард на здравствени услуги што произлегуваат од задолжителното здравствено осигурување.

Со овој Закон, на друштвата за осигурување им се дава законска можност за понуда на пакети на здравствени услуги што се веќе опфатени со системот на задолжително здравствено осигурување, односно осигурителните друштва ќе може да нудат пакети за дополнително и за приватно осигурување. Друштвата за осигурување сами ги утврдуваат поблиските услови и начинот на спроведување на доброволното здравствено осигурување, како и премиските стапки односно сумите на осигурување на кои може да се договори осигурувањето.

Надзорот над спроведувањето на овој закон ќе го врши Агенцијата за супервизија на осигурување. Околу утврдените прекршоци, ќе се грижи Агенцијата за супервизија на осигурување, согласно Законот за супервизија на осигурување. Во Законот се предвидува глоба од 3.000 до 5.000 евра за друштво за осигурување ако, меѓу другото, не склучи договор за доброволно осигурување со секој осигуреник што сака да се осигури за правата за доброволно осигурување, не ги осигури сите осигуреници со еднакви права и обврски од доброволното осигурување, не ги покрие трошоците за користени здравствени услуги од доброволното здравствено осигурување.

OhridNews
Makfaks