Оценувањето кое треба да биде можност за негов кариерен развој, се врши објективно и непристрасно од непосредните раководители кои имаат можност континуирано да ја следат работата на овластените службени лица, а според следните критериуми: остварување на работните задачи, ефикасност од работата, познавање и примена на прописите и квалитетно извршување на работата за што се предвидени следниве оценки: „се истакнува, задоволува, делумно задоволува, не задоволува„.
Интервјуто е составен дел од процесот на оценување и значи директна комуникација меѓу оценувачот и оценуваното овластено службено лице. По извршеното оценување, оценувачот изготвува извештај за резултатите кој обврзно се доставува до секое оценувано овластено службено лице.
Конечната оценка за секое овластено службено лице се формира како средна оценка од сите добиени поединечни нумерички оценки по одделните критериуми што значи дека за секој критериум ќе се запишуваат оценки од 1 до 4.
Овластеното службено лице, ќе биде унапредено на повисоко работно место доколку пет пати добие оценка „задоволува„ или три пати ја добие оценката „се истакнува„ додека две последователно добиени оценки „не задоволува„ односно три добиени оценки „не задоволува„ во последните пет работни години, за овластеното службено лице, ќе значи откажување на договорот за работа во Министерството за внатрешни работи .