Во текот на оваа или идната недела ќе се разгледуваат доставените понуди на распишаниот јавен конкурс кој министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го распиша во март, за издавање на Охридското езеро под концесија за стопански риболов.

Од министерството не откриваат колку понуди досега се пристигнати, но потенцираат дека целата постапка ќе се спроведува транспарентно и согласно законските прописи.


Се очекува комисијата за доделување на концесии да ги разгледа сите доставени понуди одделно, при што за најповолните ќе даде предлог до надлежното министерство,  односно владата на РМ да донесе одлука за давање под концесија на езерото.

Право на учество на конкурсот имаа правни лица кои се регистрирани за дејност рибарство, имаат вработено најмалку едно лице со високо образование од областа на природните науки кои се поврзани со  рибарство или имаат склучен договор за соработка со научна или образовна установа од областа на рибарството. Апликантите требаше да располагаат и со минимум опрема која е потребна за вршење риболов и која е утврдена во Риболовната основа за Охридското Езеро.

Концесијата за стопански риболов се нуди  за период од шест години, а висината на надоместокот за стопанисување изнесува над 200 илјади евра или точно  12.362.500 денари.

Т.К.