Министерството за образование и наука изготви две програми за советување на учениците од основните и средните училишта во кои се утврдени постапките по кои треба да се одвива советодавната работа.

Првата активност, е идентификување на учениците кои имаат некаков проблем. Вториот е упатување на ученикот на советување кај училиштниот психолог, кој ќе процени дали советувањето треба да биде групно или индивидуално.

Во програмите се прецизирани техниките и правилата, како и роковите за советување на учениците, а завршниот процес се документира со пополнување на пропишани обрасци. Проектот за советување е наменет за учениците кои имаат 10 неоправдани или 100 оправдани изостаноци, оние кои добиле 3 негативни оценки, како и учениците со агресивно и недолично однесување. Министерот за образование, Спиро Ристовски информира дека минатата учебна година биле реализирани 6 900 советувања на ученици.

За да има поголеми резултати од советувањето на учениците, министерството за образование ќе го доекипира стручниот кадар во Педагошката служба со пет стручни профили. Исто така етапно, предвидено е да се вработат 294 педагози или психолози во основните и средните училишта. Приоритет за пополнување на работните места ќе има во училиштата во кои нема ваков кадар.

OhridNews