Последиците од климатските промени, можат да се ублажат само со широка општествена акција во која треба да бидат вклучени различни научни дисциплини. Ова меѓу другото беше истакнато на петтата „BALWOIS“ конференција за вода, животна средина и клима, што денеска започна во Охрид.

-Треба да го задржиме квалитетот на водата и да ги заштитиме водните ресурси  и еко системите. Но, тоа не може да го оставиме само на климатолозите и метеоролозите. Потребен е мултидисциплинарен пристап и вклучување на другите науки и релевантни фактори. Загадувањето на водите доаѓа од различни извори и затоа е потребна широка општествена акција, истакна Марк Морел – хидролог и организатор на конференцијата.


Експертите посочуваат дека климатските промени стануваат се пинтензивни, а со тоа и последиците се поголеми.

-Она што не загрижува во врска со климатските промени е што тие циклуси стануваат пофреквентни, се забрзува појавата на хидролошки и метеоролошки екстреми, со што и суровоста и последиците од таквите екстреми е поголема, вели Цветанка Поповска од Градежниот факултет во Скопје.


Хидролошката состојба во Македонија е добра, но водата не се користи рационално вели Ленче Локоска од Хидробиолошкиот завод во Охрид, според која Охридското Езеро и другите природни ресурси треба многу повнимателно да ги чуваме.

-Се уште свеста не е на задоволително ниво  во Македонија, луѓето едноставно не се свесни што значи недостиг на вода за пиење, вели Локоска.


Државата најавува дека ќе бидат преземени конкретни мерки за заштита и соодветно управување со  водните ресурси, согласно европските директиви. Тоа, заедно со планираните инфраструктурните проекти за подобрување на водоснабдувањето ќе придонесе за правионално искористување на водните ресурси во земјата, нагласи министерот за животна средина Абдулаќим Адеми.

– Се обидуваме да донесеме правилни одлуки за рационално користење на водните ресурси, планираме да основаме и регулаторно тело за води кое не само што ќе ја одреди цената за водата  туку ќе ги уреди и односите помеѓу правните субјекти кои стопанисуваат со водите, рече Адеми.


На петтата Балвоис конференција што трае до сабота ќе бидат претставени научни трудови од 60 држави во светот.

Горан Момироски