Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ – Охрид изразува големо жалење поради загубата на својот долгогодишен доктор, истакнатиот македонски ортопед, поет и ликовен уметник, доктор Драган Спасески.

Доктор Драган Спасески е роден на 22 јуни 1960 година во Охрид. Завршил Медицински факултет во Скопје. Колегите и пациентите ќе го паметат како исклучителен професионалец, вреден и посветен лекар, кој зрачеше со алтруизам, велат од болницата.

Самопожртвувано, низ секојдневна клиничка пракса им помагаше на пациентите, а со својот позитивен лик, енергичност и сестраност секогаш беше тука и за колегите, за професионална дискусија, личен разговор, совет и поддршка. Ќе биде запаметен и по неговиот општествен, хуманитарен ангажман како и по неговата пасија за уметноста, особено сликарството и поезијата. – се вели во пораката со сочувство на Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ – Охрид, по повод ненадејната смрт на д-р. Драган Спасески Охридски.

Погребот на Д-р Драган Спасески -Охридски ќе се изврши денес на градските гробишта во Охрид. Семејството и операторот за погребални услуги „Мирен Сон“ упатуваат апел до граѓаните, поради актуелната здравствена состојба и ковид протоколите, сочувство да изразуваат по телефон или на социјалните мрежи .

Голем број од Вас ќе сакаат да му оддадат последна почит на покојниот па затоа Ви се обраќаме јавно со известување дека погребот ќе се изврши согласно протоколите за Ковид во кругот на потесното семејство. Семејството и операторот “Мирен Сон” Ве замолуваат вашето сочувство да го изразувате по телефон или на социјалните мрежи. – стои во апелот.

OhridNews