Три децении по изградбата, колекторскиот систем на Охридското Езеро е во катастрофална состојба, алармираат од МЈП Проаква и локалните самоуправи на Охрид и Струга. Главната пречистителна станица кај селото Враништа повторно не работи, а технички непреработените отпадни води се испуштаат во реката Дрим.

– Состојбата на колекторскиот систем е доведена до колапс. Дел од непречистени фекални и отпадни води директно се влеваат во реката Дрим и Охридското Езеро, што претставува еколошка катастрофа со огромни последици по животната средина и јавното здравје. Евидентни и јасни се индикаторите кои укажуваат дека Охридското Езеро и натау се оптоварува со отпадни води кои реката Дрим ги носи до Дебарско Езеро поради нефункционалноста на колекторскиот систем и пречистителната станица. – истакна раководителот на РЕ „Колектор“ при МЈП „Проаква“ Јетон Шаќири.
–Колекторот го затекнавме во катастрофална состојба. Кога дојдов на функцијата директор на „Проаква“ пречистителната станица во Враништа беше надвор од употреба осум месеци. Успеавме да ја поправиме, но сега таа повторно не работи, поради што отпадните води се третираат само хемиски. – укажува директорот на МЈП „Проаква“ Владимир Алексиjoски.
На одбележување на Денот на животната средина, 5ти Јуни, градските власти упатија апел за итно решавање на проблемот со нефункционалниот колектор, за кој рекоа дека претставува потенцијална еколошка бомба.
– Решавањето на ова прашање сигурно нема да биде лесно затоа што станува збор за огромна инвестиција. Во договор со владата очекуваме од септември да имаме или ревитализација, или изградба на нови пречистителни станици, односно на нов колекторски систем кој треба да биде изграден согласно современите еколошки стандарди. – изјави градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски.
Стојаноски посочи дека во светот секаде ваквите системи за пречистување на отпадните води создаваат дополнителна вредност и се значајни ресурси, додека кај нас, за жал, тоа е се’ уште проблем.
Г.М.
















