Уште два дена и’ останаа на Владата за да сфати колку несериозно се однесува кон најсериозните проблеми во нашата држава, во нашето општество! Уште само два дена им останаа на министрите и на нивните советници за да увидат дека нема ништо поболно од болно образование каде наставниците се третираат како пациенти на кои токму таа власт им одредува “терапија“ со доза во која треба одвај да преживуваат или да останат во живот, само за да им служат на тие исти власти за нивни нови мандати ! Уште само помалку од два дена им останаа за да си го стават прстот на умот и да се запрашааат: може ли пратеникот и министерот да е поважен од учителот на неговото дете, од учителот на нашето дете, од учителот на сите македонски деца?! Уште само помалку од два дена им останаа за да „оздрават“ од “болното“ владеење во кое нe’ доведоа до болно здравство, болно образование, болна економија, болно општество.

Уште само помалку од два дена и – толку!

Во понеделник се обединуваат сите учители, сите нивни стручни и технички соработници! Сите просветни работници на кои им била важна и мила и професијата и државата, но помила им е, во истовреме, вистината и нивното достоинство во општеството.

Во понеделник започнува најсериозниот Генерален штрајк во Македонија! Организатор е СОНК, но големината и сериозноста е во цврстата обединетост на сите и членови и нечленови на СОНК, во сеетничката, северската и сепартиската обединетост на сите до земја понижени, навредени и до земја подгазени просветни работници од чија мотивираност зависи иднината на секое, па и на нашето општетство!

Време е и одамна веќе „бие дванаесе’ “ за праведна борба на наставниците кои доживеаја да се борат буквално за парче леб, во земја каде пазарната кошничка изнесува близу 40 000 денари, а платата на “државниот“ учител е нецели 25 000 денари! Далеку под просекот кој веќе изнесува(л) над 30 000 денари. И многу, многу подалеку, под договорената, законски потпишаната месечна плата според Колективниот договор која треба прописно (и сосема оправдано и праведно) да изнесува минимум 44 000 денари!

Ете, која е разликата меѓу нивната неправда, заснована на нивната суета и самобендисаност, наспроти нашата досегашна трпеливост и нашата конечно отпочната борба за конечна правда во која ќе бидат задоволени Законите и Колективните договори, задоволни ќе бидат, што е уште поважно, и многу помотивирани наставниците кои ќе произведуваат многу поуспешни ученици, а со тоа ќе бидат позадоволни и погорди сите родители. Оваа борба и победата над неправдата ќе донесе достоинство кај наставниците, успех кај учениците и гордост и задоволство кај родителите! Среќно општество со среќни луѓе: и ученици, и наставници, и родители! И Влада која ќе може да планира среќна иднина на државата!

Ете, затоа,час поскоро, треба да се сфати сосема сериозно и никако поинаку, овој Генерален штрајк кој има за цел: среќно општество со среќни луѓе!

Ете, затоа, уште сега и веднаш, ресорните министри на чело со премиерот, треба да издвојат финансиски средства и согласно претходно потпишаните Колективни договори и Законски Прописи, да ја исправат државната неправда кон државните учители!

Упатувам повик и до родителите чии деца привремено нема да бидат згрижени од своите наставници, да најдат разбирање и трпение за оваа наша состојба предизвикана од игнорантскиот однос на власта и државата! Да помислат дека во ова меѓувреме, дека и нашите деца и децата на нашите деца ќе останат дома, а ние како родители, или баби дедовци, ќе знаеме како да ги згрижиме денес, во интерс на подобро утре и за нив и за нас сите!

Наставниците го кренаа својот бајрак и назад нема враќање! Генералниот штрајк отпочнува во понеделник и за секој штрајкувачки ден ќе биде одговорна Владата и Власта која со години го игнорира просветниот работник, наставникот, Учителот! Власта која одлучи со минималната плата да задоволи само десетина илјади најсиромашни, или најмизерно платени сиромашни граѓани, а истовремено заборави на стотина илјади други кои, благодарејќи на досегашните власти и влади, го допреа економското дно на животот, не заборавајќи притоа да си ги остави апанажите и надоместоците за патни трошоци кои месечно само се двојно поголеми од нашите плати.

Ете, затоа, ние, просветните работници, се одлучивме, во време кога владата гледа само на своите лични и, не
знам какви други интереси, кога не покажува никаква природна и општествена еволуција, ние, просветните работници, се одлучивме да направиме оправдана и вистинска револуција во општеството, каде Учителот ќе мора да биде поставен на заслужениот пиедестал !

Ете, затоа, ДА за Генералниот штрајк, ДА за едно, но среќно општество со мотивирани наставници, успешни ученици и горди родители!

P.S. Oдговорно кон обврските, храбро во борбата за своите права!

Автор: Проф.Димче Донески,
претседател на СО СОНК, Лескоец

Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите