Комисијата за заразни болести денеска треба да одржи состанок, на кој ќе се разгледува состојбата со коронавирусот, врз основа на што ќе одлучи дали ќе има дополнување на рестриктивните мерки за заштита од вирусот. Актуелната состојба со пандемијата ќе биде тема и на денешната седница на Советот за безбедност кај претседателот Стево Пендаровски. Тековната недела надлежните ја окарактеризираа како критична во однос на натамошното ширење на вирусот во третиот бран, во кој се регистрирани голем број заразени и починати. Бројот на активни случаи во државава изнесува 18.000. Во претходното деноноќие, беа регистрирани нови 303 случаи на коронавирусот од направени 1.405 тестирања. Починаа 41 лице, а оздравени се 1.169 пациенти.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера информираше дека 20 000 граѓани кои се веќе пријавени на возраст над 75 години, во текот на денешниот ден преку матичните лекари ќе добијат термини согласно местото на живеење во кој пункт и во кое точно време да се јават на вакцинација.
Уверува дека за три месеци ќе има дози за ревакцинација, со оглед на најавите дека кон средината на април треба да стигнат уште 76.000 дози од „Астра Зенека“ преку Ковакс механимот.

Во ковид центрите во Кардиолошкиот завод во Охрид и Општата болница, заклучно со вчера има 135 пациенти со Ковид 19, голем дел од нив се на кислородна поддршка.
OhridNews











