Комисија на УНЕСКО од денеска ќе престојува во Охрид и ќе ја проверува заштитата на природното и културното наследство во градот. Според најавите во рамки на мисијата ангажирани ќе бидат специјализирани агенции кои ќе изготват извештај за состојбата на културното наследство во Охрид.

-Мисијата ќе ја разгледа состојбата со градот и со заштитата на културно историските споменици и по увидот ќе изготви извештај и ќе даде препораки околу натамошната заштита на културното наследство.-изјави неодамна за OhridNews Дејан Пановски, член на Националната комија на УНЕСКО.

Од Националната комисија на УНЕСКО велат дека се работи за вообичаена контрола, која случајно или не беше најавена по отпочнувањето на градежните активности на Плаошник каде во тек е изградба на музејски комплекс и резиденција на МПЦ. Започнатите градби се само дел од десетината објекти кои треба да никнат на Плаошник. Според најавите изградбата на комплексот ќе чини околу 24 милиони евра. 

Покрај Плаошник претставниците на УНЕСКО ќе ги посетат и другите значајни споменици на културата во Охрид, а предвидена е и средба со градоначалникот Никола Бакрачески.

OhridNews