Комисијата за млади и спорт при локалната самоуправа, заедно со градоначалникот Никола Бакрачески, ќе ја разгледа состојбата со охридскиот Веслачки клуб „Југ“ по што до советот ќе бидат доставени предлог мерки со кои, согласно можностите на локалната самоуправа, ќе се направи обид клубот да продолжи да функционира.
Овој заклучок следеше по долгата расправа на денес одржаната седница на која по предлог на советниците Јоне Станкоски и Павел Попоски дневниот ред беше надоплнет со уште една точка-информација за преземените активности од градоначалникот за случувањата и проблемите со извршители и финансиските обврски на Веслачкиот клуб „Југ“.
Советникот Станкоски потсети дека во 2014 година заедно со советникот Павел Попоски барале да се одвојат средства од буџетот во висина од 300.000 денари за да се одблокира сметката на клубот за да може да функционира.
– Беше кажано дека градоначалникот презема активности за решавање на проблемот, но точката не помина. Вие треба да сте иницијатор ако гледате некаде проблем, да ги повикате луѓето за да се разгледа и реши проблемот. Без разлика дали клубот е здружение на граѓани или под локалната самоуправа, клубот „Југ“ опстојува со децении и генерации деца поминале таму. Управата нека си сноси одговорност ако треба во врска со управувањето, но требаше ние како локална самоуправа и како совет да преземеме активности за клубот да може нормално да функционира или барем да му се понудат простории. Ако тогаш се поддржеше нашата иницијатива, немаше да дојде до ова сега, рече Станкоски.
И според советниците на СДСМ, веслачкиот клуб „Југ“ згаснува поради негрижата на локалната власт.
– И покрај нашите заложби и поведувањето иницијатива во Советот на Општина Охрид, локалната власт не беше заинтересирана да му помогне на клубот. Освен што нема адекватни простории за клубот, нема ниту било каква финансиска помош од локалната власт што би им дала мала надеж дека можат да опстојат. Празната сметка го остави „Југ“ и без нивните чамци кои им беа запленети. Локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ наместо да троши пари на граѓаните за непродуктивни проекти, можеше и мораше да даде финансиска поддршка и да најде нови адекватни простории каде што би се сместил клубот, велат од СДСМ.
Градоначалникот Никола Бакрачески смета дека ваквите обвинувања се повеќе политички маркетинг, отколку грижа за иднината на клубот. Потенцира дека негова лична желба, а и на сите советници е клубот да продолжи со работа, но како што рече, согласно функцијата мора да постапува по акти, а не по список на желби. Додаде дека досега, до него, не пристигнала иницијатива со мерки кои би се презеле за помош на клубот.
– Ниту една издржана иницијатива до мене не е поднесена, а која предвидува предлог мерки, активности, стратегии или планови кои би придонеле за спасување на клубот. Имале иницијатива советниците Попоски и Станкоски, ама не поминала пред три години. Кога не поминала како да постапувам, надвор од моите ингеренции? Ако советот донесе одлука за некаква мерка во врска со клубот, јас тогаш имам обврска да постапам, а не по вашите желби. Зборуваме за исплата на долг кој не знаеме колкав е и предлагаме да се исплати. По кој основ е направен? Ако е 2 милиони евра можеме да го платиме и ќе гласаме за плаќање? Ваквата дискусија е несериозна, рече Бакрачески.
Инаку, по загубениот спор со Дебарско-кичевската епархија за хангарот во кој клубот ја чува опремата, вчера, од страна на извршители беше запленета целата негова опрема. Спорот со Дебарско-кичевската епархија, на која по пат на денационализација и беше вратен објектот во сопственост, траеше четири години и е завршен во корист на тужителот.
Веслачкиот клуб „Југ“ е формиран во далечната 1932 година.
Т.К.













