Јавното претпријатие “Охридски комуналец” денеска се обрати со информација  до граѓаните, а  по повод реакциите на еколошкото друштво “Грашница” и спортско-риболовниот клуб “Св Апостол Петар” во врска со снегот фрлен во Охридското Езеро.

По повод реакциите на Еколошкото Друштво “Грашница” и СРК “Св Апостол Петар”, во врска со снегот фрлен во Охридското Езеро, ЈП “Охридски Комуналец” – Охрид, ги известува граѓаните на Општина Охрид дека имајќи ги  предвид обемните врнежи и количината
на снегот во текот на новогодишните и божиќните празници, факт е дека јавното претпријатие за релативно кратко време користејќи ја во целост својата работна сила и механизација, во услови кога во градот беше зголемена фреквенцијата на сообраќајот поради посетата на голем број туристи, успеа навреме да ги расчисти јавните површини, да обезбеди непречен и безбеден тек на сообраќајот, односно да обезбеди сигурност во давањето на услугата и задоволувачко ниво на квалитетот на услугата”, велат од “Охридски комуналец”.

Од претпријатието информираат дека снегот се расчистуваше деноноќно во соработка и согласно инструкции дадени од страна на сообраќајната полиција.

” Во Охридското Езеро беше фрлен само снегот подигнат од охридската чаршија и кејот на Охридското Езеро. Охридската чаршија беше посипана со минимални количини сол и песок за да не се оштети подлогата, додека кејот на Охридското Езеро воопшто не беше посипан со сол и песок. Со оглед на тоа што по кејот на Охридското Езеро и чаршијата нема фреквенција на возила, снегот фрлен во Охридското Езеро содржеше минимални количини на сол, песок и штетни материи кои ги испуштаат возилата во сообраќајот. Снегот подигнат од останатите јавни површини на територијата на Општина Охрид се депонира на паркингот за автобуси во СРЦ “Билјанини Извори” и на слободниот простор во близина на новата автобуска станица. ЈП “Охридски Комуналец” секогаш апелира до граѓаните на општина Охрид и иницира акции за заштита на животната средина, но проблемот со загадувањето на Охридското Езеро е
покомплексен и не е предизвикан од снегот фрлен во езерото. Целата дождовна канализација, инсталирана пред повеќе години, се влева директно во Охридското Езеро, особено при обемни врнежи на дожд како и при топење на снегот кој не е подигнат.

Некои медиуми, најверојатно не информирани за овој факт, со цел да го покажат што повеќе”негативното” влијание на снегот, одеа до таму што прикажуваа загадени делови на Охридското Езеро каде што воопшто не беше фрлен снег од наша страна. Оваа прилика ќе ја искористиме да ги известиме граѓаните на општина Охрид дека како и претходните
години така и оваа година, ЈП “Охридски Комуналец” е вклучен во подготовките за уредување на централното градско подрачје за големиот христијански празник “Водици” и успешно на највисоко ниво ќе одговори на поставените задачи кои се во наш домен.

Голема е честа, но уште поголема е одговорноста да се биде одговорен за хигиената во Охрид, особено за време на овој голем христијански празник кога традиционално се очекува заедно со граѓаните на општина Охрид да празнуваат и голем број туристи и еминентни делегации. Уште еднаш повикуваме на соработка, ги прифаќаме сите добронамерни сугестии и забелешки од граѓаните, здруженијата, медиумите, организациите и слично кои се стремат кон чиста и здрава животна средина. Искрено веруваме дека проблемите ќе бидат побрзо и поконструктивно решени доколку еколошките друштва пред да истапат со забелешки во јавните медиуми, своите сугестии и предлози ги упатат најпрвин до нас, благовремено и добронамерно, со цел изнаоѓање заедничко решение”, стои во информацијата од јавното претпријатие “Охридски Комуналец”.

Ohridnews