Вознемирен коњ се самоповредил удирајќи се во застаклени тераси на неколку угостителски објекти на градскиот кеј. Животното притоа си нанело повреди на предните нозе и телото.

Очевидци за OhridNews изјавија дека коњот неконтролирано трчал по кејот и искршил стакла на една летна тераса, а потоа целиот раскрвавен се удирал во застаклената тераса на друг угостителски објект. За среќа нема повредени луѓе, а предизвикана е материјална штета во угостителските објекти.

По извесно време повредениот коњ бил врзан во паркот на кејот, по што интервенирала ветеринарна екипа.

Стручни лица кои ги контактираше OhridNews, велат дека коњот му побегнал на сопственикот од околно село. Според нив тој бил уплашен и вознемирен од автомобилите на кејот, а се удирал во застаклените тераси бидејќи поради ефектот на огледало гледал коњ. Тие тврдат дека животното не е побеснето, туку само уплашено и вознемирено. По укажаната помош тоа било вратено на сопственикот.

Се прават соодветни анализи за да се утврди дали повредениот коњ имал некакви здравствени проблеми. 

OhridNews
фото: Емил Јовановиќ