Изминува полека и трета сезона без да биде регулиран статусот на плажите на охридското крајбрежје издадени под закуп согласно пропишаните критериуми од државата и локалната самоуправа. Според закупците таквата состојба е неодржлива и на штета на сите. Пред две недели тие добија тужби за неплатен долг по основ на неподмирени концесии, кој, како што велат, уредно ќе го платат, затоа што до сега немале основ како да го сторат тоа поради нерегулираните односи.

Тоа што не се платени концесиите подолг период не е по наша вина. Сакаме да добиеме договори во кои ќе бидат пропишани сите услови и врз основа на кои ќе можеме да ги плаќаме обврските по основ на закуп. Не треба во ист кош да се ставаат плажите кои се уредени во согласност со проекти одобрени од Министерството за транспорт и врски, Министерството за животна средина, Завод и Музеј и други надлежни институции, и кои уредно секоја година плаќаат огромни суми на име даноци и придонеси за вработените, со некои плажи кои дури од 2012 година ги немаат регулирано обврските за закуп и не плаќаат ништо на градот и државата, а кои се исклучок. – велат концесионерите на палжите.

Концесионерите укажуваат дека одредени објекти на крајбрежјето имаат и по педесеттина вработени во шпицот на сезоната, а добар дел од нив примаат плата преку целата година. Потенцираат дека закупот е најмалата ставка во нивните трошоци и обврски кон државата, односно локалната самоуправа.

Час поскоро да се донесат правила на игра, за да може плажите да се подготват навремено за главната туристичка сезона. Во мај или јуни ќе биде доцна, а тоа ќе биде на штета како на туризмот, така и на градот. – велат охридските концесионери на плажи.

Тие изразуваат поддршка на Акцискиот план за заштита на природното и културното наследство на Охридскиот регион, укажувајќи притоа дека е неопходно да се води сметка и за економската перспектива и развој на градот, како и за бенефитите од одржливо искористување на природните ресурси на Охридското Езеро, како што се уредените плажи издадени под закуп, потсетувајќи дека добар дел од нив беа изградени на запуштени места, а  кои денес се препознатлив туристички белег на Охрид.

Г.М.