Членството на Синдикалната организација на вработените во контролата на летање и воздухопловната техника на аеродромите во Охрид и Скопје  денеска  од 14 до 16 часот  ќе одржи штрајк, во текот на кој нема да бидат опслужувани комерцијалните летови.

Синдикатот бара  вработување на педесетината ангажирани лица со договор на дело во контролата на летање и во воздухопловната техника, да се склучи колективен договор на ниво на работодавач, изедначување на условите за работа и трансформација на Управата за цивилна воздушна пловидба во регулатор и провајдер согласно соодветните стандарди на европските земји и прифаќање на нивните предлози за измени и дополнување на Законот за воздухопловство.

Само писмена гаранција за исполнување на поставените барања може да го спречи одржувањето на штрајкот, соопшти синдикатот.

Управата за цивилна воздушна пловидба тврди дека сите барања на контролорите на летање и воздухопловните техничари, кои за денеска  најавија двочасовен штрајк, се во фаза на решавање и оценува дека вештачкото наметнување на проблем од страна на поединци е беспредметно и добива политичка димензија.