Со два спектакуларни настани, вечерва, ќе се одржи културно забавната манифестација „Бело Лето“, со која ќе се означи почетокот на овогодинешната летна сезона.
Во 19 часот на плажата Лабино ќе започне концертот на Владимир Четкар и неговиот секстет кој ќе се одржи во невообичаена и многу атрактивна атмосфера.
– Нашата најпозната ѕвезда во светот на џез музиката, Владимир Четкар заедно со неговиот секстет ќе свират на плажата која овозможува најубав поглед на зајдисонцето, каде ќе биде поставена сцената, додека најголем број од публиката ќе може да ужива на чамци и други пловни објекти распослани во водите покрај брегот на палажата Лабино. Се надевам дека тоа ќе биде настан во кој ќе може да се сладат сите сетила, присутните не само да уживаат во звуците, туку и во прекрасниот амбиент и пејсаж, рече градоначалникот Никола Бакрачески.
Четкар воодушевен од идејата да свири на една од најубавите плажи во Охрид.
– Ова е една многу убава идеја. Да се направи концерт на Лабино е навистина чекор напред од стандардните размислувања, бидејќи тоа е место кое го знаеме како едно од најволшебните во Охрид. Концертот ќе биде терапија за сите кои се под стрес, со музика и уметност да ја излечиме напнатоста. Вчера дојдов од турнејата во Тајланд и со големо задоволство ќе свирам на концертот, изјави Владимир Четкар.
Веднаш по концертот, во 21 часот во предворјето на црквата Св.Софија од страна на актерите од белградскиот театар „Славија“, ќе биде изведена познатата претстава „Коштана“. Актерската екипа најави незаборавно доживување за сите љубители на театарската сцена.
– Секогаш ми е задоволство да дојдам во Охрид, веќе сум настапувала на „Охридско лето“ со претставата „Цигани летаат на небо“ и морам да признам дека тоа ми е еден од најубавите настапи во кариерата. Игравме на Античкиот театар, сите бевме на сцена, пеевме од срце, а заедно со нас и публиката. Ако 50% од тоа доживеам вечерва ќе бидам пресреќна, вели српската актерка Весна Паштровиќ.
Манифестацијата „Бело лето“ во организација на локалната самоуправа годинава се одржува по петти пат.
Т.К.













