Во наредните десет години државата да воведе целосна забрана за лов на охридска пастрмка, бара концесионерот со Охридското Езеро „Пастрмка 2012“, јавува телевизијата „Алсат М“. Тоа велат е единствениот начин заедно со добра физичка заштита овој загрозен ендемски вид на риба повторно да се врати во езерото. Вакво барање уште пред десеттина дена испратиле до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

„За овие 4 – 5 години ние многу мала количина имаме уловено на пастрмка и избегнуваме да ја фаќаме. Доколку се сложи и албанскиот дел да даде таква забрана јас би бил задоволен и се надевам дека таа ќе се врати. На нас ни беше дозволено голема количина да ловиме пастрмка некаде околу 30-40 тони, а ние не фативме ниту 300 килограми.“ – изјави за „Алсат М“ Танас Танасоски од „Пастрмка 2012“ – концесионер со Охридско Езеро. 

Концесионерот смета дека е неопходна соработка помеѓу Македонија и Албанија за заштита на рибниот фонд на пастрмка. 

„Ние инсистираме заеднички да настапиме за заштита на Охридското Езеро.Тогаш сигурно би била физичката заштита многу поголема. Со мешовити рибочуварски служби, а тука може и полицијата да се вклучи.“ – вели Танасоски.

Концесионерот вели дека иако бил намален бројот на рибокрадци и понатаму пастрмка се лови со недозволени мрежи со мали окца, поради што се ловат и помали единки на риби. 

OhridNews
извор: „Алсат М“