Пандемијата предизвикана од вирусот Ковид 19 се уште силно се одразува на туризмот. Охрид кој по извонредната 2019 година и одличните најави за годината потоа, од туристичка дестинација со исклучителен квалитативен раст, се врати на нивото од пред една деценија кога странските туристи во значително помал број ја посетуваа ривиерата.
И покрај најавите за постепено враќање на странските туристи во Охрид, особено на тие од Холандија, тоа нема да се случи, не барем во очекуваниот обем. Имено холандскиот туроператор „Корендон“ преку кој на охридско-струшкото крајбрежје доаѓаа најголемиот број туристи од таа земја ги откажа аранжманите за летната туристичка сезона. Слично постапија туроператори од Белгија, Турција и други земји поради што очекувањата за шпицот на сезоната се далеку поскромни од предвиденото.

Во моментов од Полска има два чартер лета неделно, но по одлуката на тамошните власти за воведување на карантин при враќање дома состојбата се усложнува. Македонските туроператори сметаат дека сето ова е резултат на задоцнетата комуникација и координација на инстититуциите со најзначајните туроператори од странство.
Би сакал да потенцирам дека значаен исчекор не се направи во насока на отстранување на бирократските процедури со правилникот за субвенции. Коморите и здруженијата на ова апелираат веќе подолго време. Ова мора час поскоро да се направи за да испратиме јасна порака на туроператорите дека Македонија подготвено може да ја дочека 2022. – вели во изјава за националниот сервис Асим Меѓедовиќ – генерален менаџер на македонски туроператор.

OhridNews











