По вчерашните протести на жители од општина Дебрца против изградбата на асфалтна и бетонска база во атарот на Ново село, денес со допис се огласи и фирмата Викториа Инвест ДОО Елбасан, Подружница Скопје, која е корисник на базата. Оттаму потенцираат дека за сите активности околу изградбата на бетонската и асфалтна база, Викториа Инвест ДОО Елбасан ги има почитувано сите законски постапки проследени со одлуки и решенија издадени од Државните институции потребни за градење на бетонската и асфалтна база.
Во прилог ги наведуваат сите официјални документи кои Р.Македонија ги предвидува за изградба на бетонската и асфалтна база, а кои фирмата ги поседува, меѓу кои: Позитивно мислење од Министерство за животна средина и просторно планирање, Решение за временска измена на режим на сообраќај на пристапен пат од асфалтна и бетонска база издадено од Општина Дебарца, Решение за одобрување на Елаборат за заштита на животна средина за Асфалтна база издадено од Министерство за животна средина и просторно планирање, Одобрение за подготвителни работи издадено од страна на Министерството за транспорт и врски, како и Мислење од Министерството за Животна средина и просторно планирање.
– Викториа Инвест ДОО Елбасан нема никакви тенденции со кои би нанела штета на било кој, при изведување на градежните работи, особено во овој реон на Општина Дебарца, велат од фирмата.
Наведуваат низа активности кои фирмата ги реализирала без никаков надомест, а во корист на Општина Дебарца, како што се изградба на паркинг простори, одводни канали, чистење на канали, санирања на пристапни патишта.
– Ние како компанија имаме основно сомнение дека овие протести се инцирани од група на луѓе кои имаат тенденциозни и лични интереси за овој проект. Затоа ги повикуваме и апелираме до Органите и граѓаните на Општина Дебарца, да се повлечат од протестите и да ги повлечат сите негативни и невистинити изјави со кои ја нападнаа Викториа Инвест ДОО Елбасан за нелегално и непрофесионално работење и да гледаат позитивно на изградбата на бетонската и асфалтна база, бидејќи со оваа инвестиција ќе бидат отворени уште 20 нови работни места кои ќе бидат покриени со работници од овој регион, велат од фирмата.
OhridNews












