Пандемијата предизвикана од вирусот Ковид 19 не запира. Напротив, опасниот коронавирус забрзано се шири низ земјава, а исклучок не е ниту Охрид. Само денеска во градот се регистрирани нови 38 случаи позитивни на Ковид 19. Добра вест е што битката со опасната болест ја добиле 52 охриѓани.
Но, она што ги загрижува лекарите е бројот на хоспитализирани пациенти во ковид центарот во Општата болница во Охрид. Како што информира директорот на болницата, Д-р Горан Балевски, во моментов се хоспитрализирани 90 пациенти, што е речиси двојно повеќе во споредба со изминатиот викенд, кога тој број беше 50.
Состојбата е сериозна. Капацитетите на модуларната болница која во меѓувреме беше надградена со дополнителни осум контејнери, се речиси исполнети. Од 90 хоспитализирани, 50 се на кислородна поддршка, а во моментов има 20 слободни кревети. – изјави за OhridNews Д-р Балевски.

Во тој случај ќе бидат реорганизирани дел од другите болнички одделенија, а доколку бројот на заразени продолжи да расте, повторно ќе треба да се вклучат другите болници во градот. – вели Д-р Балевски.


Растот на бројот заразени во Охрид, како и во останатите граови од земјата, освен на позаразната британска мутација, во голем дел се должи и на непочитувањето на здравствените мерки. На тоа укажуваат секојдневните соопштенија на СВР Охрид во чиј билтен и денеска доминираа прекршоците и пријавите за непочитување на здравствените мерки и протоколи.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против 64-годишно лице од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. На 23.01.2021 година, полициски службеници извршиле контрола и констатирале дека пријавениот не се наоѓа во неговиот дом со што го прекршил решението за самоизолација издадено од Државниот здравствен и санитарен инспекторат со цел заштита од вирусот Ковид 19. – соопшти денеска СВР Охрид.

За утре е закажан состанок на Комисијата за заразни болести, која ќе ја анализира актуелната здравствена ситуација, по што ќе се знае дали ќе бидат предложени дополнителни рестриктивни мерки.
Г. Момироски












