Обилните врнежи од дожд во изминативе неколку денови предизвикаа излевање на Коселска река во атарот на с. Орман, охридско. Поплавени се површини засадени со житни и градинарски култури. На потегот од мостот на с. Орман кон населбата Алтанин Мост, низводно поплавени се овошни насади на површина од околу 10.000 м2, магацински објекти и три куќи, како и дел од патот кој води кон с. Орман, информираат од Центарот за управување со кризи.


Во помал обем се излеа и реката Грашница во делот каде неодамна беше изграден цевководот кој треба да ги зафати водите од некогашниот канал кој сега е затрупан. Водата навлегува во куќите кои се пониско од трасата по која поминува цевководот кој не може да го издржи притисокот на надојдената река и попушта на голем број места.


Локалното население смета дека цевководот не е добро изграден и не го решава деценискиот проблем на жителите од населбата Воска. За проблемот тие ги известиле надлежните од локалната самоуправа кои ја констатирале состојбата на терен.


Жителите од населбата се надеваат дека врнежите ќе престанат со што ќе биде избегнато поплавување на поголеми површини, а воедно апелираат до надлежните најитно да го решат проблемот со зафаќање на водите од реката Грашница.


Од Управата за хидрометеоролошки работи известуваат дека денеска  претпладне ќе има услови за локален слаб снег. Но веќе од утре не очекува ново затоплувањето и врнежи од дожд што ќе предизвика нагло топење на снегот што пак ќе овозможи позабрзано зголемување на водостоите.


Се излеа и реката Грашница

Центарот за управување со кризи апелира до граѓаните да не ги користат секундарните и терцијалните канали за фрлање на смет, бидејќи тоа ќе оневозможи канализирање на атмосферските води, со што може да се создаде потенцијална опасност од локални излевања.

Г.М.