Косовскиот парламент ги усвои законите кои овозможуваат трансформација на Косовските безбедносни сили во Вооружени сили на Косово. Во Парламентот влегле и неколку идни војници. Првиот закон што е усвоен се однесува на трансформација на КБС во Министерство за одбрана, а вториот закон се однесува на трансформација на КБС во вооружени сили. Со усвојување, пак, на третиот закон формално-правно е завршена процедурата за формирање косовска војска, пренесуваат српските медиуми.

Српските медиуми денешниот ден за Косово и Србија го означија како „Денот Д“. Истовремено припадници на КФОР се распоредени на мостот што ја дели Косовска Митровица на северен и јужен дел, додека хеликоптери на НАТО ја надлетуваат Приштина. Српскиот претседател, Александар Вучиќ, во следните 72 часа ќе биде во копнената безбедносна зона, а најавено е и дека Србија ќе побара одржување  итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации. „Ова е најдиректна закана кон мирот и стабилноста во регионот и безбедноста на српскиот народ кој живее на Косово и Метохија“, изјави српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ.

САД и Германија го поддржаа формирањето на косовска војска, а ЕУ и НАТО се против, пишуваат српските медиуми.