Германската компанија „Костал“ која има современа фабрика за производство на делови за aвтомобилската индустрија во Охрид, во комплексот на некогашен ЕМО во Косел, уште еднаш покажа исклучителна општествена одговорност. По бројните активности во областа на екологијата, спортот, културата, хуманоста… „Костал“ со вредна донација и во образованието.
Имено, по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, менаџерскиот тим на „Костал“ – Охрид предводен од генералниот директор Виктор Мизо, денеска оствари посета на електромашинскиот училишен центар „Св. Наум Охридски“, каде на најдобрите ученици – првенци во генерацијата: Мирјана Милеска, Дарко Илиески, Филип Пердулоски, Радица Јанкулоска и Адријан Тасески, им подари смартфони. Паметни мобилни телефони ќе добијат уште 23 нивни соученици.
„Костал“ неодамна на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ му донираше канцелариски столици, е денеска училиштето на подарок доби современ печатач од марката „HP“.
На средбата со најдобрите ученици, на која присуствуваа директорот на училиштето Сашо Недески и наставниоот кадар, директорот на „Костал“ ги претстави можностите што технолошки високо развиената и најбрзорастечка компанија со странски капитал кај нас, им ги нуди на дипломираните ученици од „ЕМУЦ“, како и претстојните проекти за реализација на практична настава за учениците од машнинската и електро насока, но и за студентите од инженерските струки.
-Праксата е сегмент кој недостасува кај кадрите кои ги продуцираат техничките училишта и токму затоа „Костал“ ги отвара вратите за учениците од ОЕМУЦ. Освен што ќе се стекнат со неопходното искуство, тие ќе имаат можност да бидат вработени со конкурентна плата. „Костал“ е една од најдобрите и најуспешните брзорастечки компании не само во нашиот регион, туку и пошироко во државата, која треба да биде битен фактор не само за економскиот и технолошкиот развој, туку и за подигнување на свеста кај нашите млади луѓе кои сакаат да бидат успешни во работата и кариерата. Во тој контекст „Костал“ на младите со завршено средно образование во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ им нуди извонредна и ретка шанса да ја остварат таквата цел. – истакна директорот на компанијата Виктор Мизо.
Директорот Мизо ја посочи и високата технологија како предизвик за идните техничари и инженери, истакнувајќи дека во тој поглед „Костал“ во монентов е пред останатите странски компании кои имаат свои производствени погони во Македонија.
-Нашиот план е на двајца вработени да имаме по еден робот, а тоа значи на 1000 вработени 500 роботи кои ќе ги програмираат автоматичари, затоа ни е потребна добро остручена работна сила во Македонија. Условите за работа, пак, што ги нуди „Костал“, се исто така значително подобри во споредба со домашната индустрија, што од друга страна е добро, затоа што квалитетната конкуренција ќе поттикне развој на севкупната економија. – подвлече Мизо.
Мизо истакна дека компанијата „Костал“ останува отворена за соработка со училиштето во насока на мотивирање на основците да го продолжат своето образование во електромашинскиот училишен центар „Св. Наум Охридски“. За таа цел наскоро во средното уччилиште ќе се одржи отворен ден, на кој покрај „Костал“ свои штандови ќе имат и компаниите „LTH“ и „ODW“.
Во знак на благодарност, директорот на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, Сашо Недески“ му врачи благодарница на директорот на „Костал“ Виктор Мизо. На средбата стана збор за можностите за идна соработка во реализација на проекти од поширок општествен интерес.
OhridNews
фото: Емил Јовановиќ





















