Кандидатот за советник од СДСМ и Коалицијата „Најдоброто за Охрид“, Ванчо Костовски најави проекти за почиста животна средина и поголема грижа за заштита на сите природни богатства со кои располага Општина Охрид. Како што истакна Костовски, доколку ја добијат довербата на граѓаните приоритет ќе биде иницијативата за забрзување на постапка за отворање на регионална депонија за третирање на отпадот од југозападниот регион и затворање на депонијата Буково. Костоски најави нов план и програма за подигање на отпадот од домаќинствата.

Воведуваме отворена линија за пријавување на неправилности и пропусти во одржувањето на јавната чистота и работењето на комуналните служби. Ќе вршиме осовремување на примарното одлагање на отпадот во домаќинствата со примарна селекција и проекти за селекција на отпад во јавните установи, училиштата и фирмите. Ќе поставиме нови подземни контејнери, прес-контејнери и нови садови за депонирање на отпад, а планирано е формирање на еко- острови за одлагање на кабаст отпад и решавање со проблемот на дивите депонии на градежниот шут, истакна Костоски.

Тој додаде дека ќе биде обезбедена енергетска ефикасност на сите објекти во сопственост на Општина Охрид.

 

Поставуваме енергетски ефикасни прозорци и фасади и фотоволтаични системи. Воведуваме стручна помош и консултации на граѓаните на тема енергетска ефикасност, проектна поддршка на реконструкција на енергетски фасади и замена на прозорците во станбените комплекси. Развиваме специјална програма за зголемување на енергетската ефикасност на домовите на најзагрозените приматели на финансиска помош. Продолжуваме со субвенциите за набавка на велосипеди и субвенции за поставување на набавка на клима-уреди, го зголемување бројот на мерни станици за контрола на квалитетот на воздухот, вели Костовски. 

Костовски рече дека ова ќе биде продолжување на она што веќе го започнала локалната со поставување на фотоволтаични централи на општината, на две училишта во Пештани и во Велгошти како и поставената фотоволтаична централа.

 

 

К.А