Создаваме нова економска визија за европска Македонија, со цел да имаме држава која е попросперитетна и стабилна, почитувана дома и надвор и која во следните години ќе биде горда членка на ЕУ, рече претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на вечерашната трибина во Охрид под мотото „Силно и одлучно кон идината“.

Лидери сме во регионот во енергетска трансформација. Само денеска во охридско-струшкиот регион посетив две успешни компании како пример за енергетска транзиција и обезбедување струја од македонското сонце, рече Ковачевски.

Иднина во производството на електрична енергија ја гледам и на тоа интензивно работам токму во обновливите извори на енергија а резултатите се веќе видливи. Во наредните две години, треба се пуштат во употреба сите 130 мегавати на фотонапонски електрани. Тоа е мојата енергетска визија, да бидеме европски шампиони за производство на енергија од нашето македонско сонце. На овој начин обезбедуваме зелена, еколошка и многу поевтина струја но и водиме во процесите за иднината, рече Ковачевски.

Притисокот од глобалната криза врз македонската економија беше жесток и незапаметен во нашата понова историја, додаде Ковачевски.

Никој не е оставен сам и никој нема да биде оставен сам. Допревме до секое семејство во земјата. Ја зголемивме минималната плата на 18.000 денари а пензиите за една година за 16.00%. Во календарска година тоа е најголемо зголемување досега. Ја субвенционираме цената на струја за сите домаќинства, за 72.000 компании и ранливи семејства со 80% од реалната цена. Обезбедивме топли училници во речиси 500 училишта и соодветна поддршка за компаниите во време на криза, рече Ковачевски.

Потенцираше дека антикризните мерки вредни 760 милиони евра, најголеми во регионот, дадоа со плод, економијата е спасена а цените почнаа да се намалуваат.

Антикризните мерки вродија со плод – цените на храната почнаа да се намалуваат. Со мерката за обезбедување поевтина струја за прехранбената индустрија, очекуваме да се намалат цените на лебот, млекото, месото и останатите основни производи за најмалку 10%. Успеавме да ја спасиме македонската економија, животниот стандард на граѓаните и бизнисот на компаниите. Покрај сите глобални тешкотии успеавме да обезбедиме доволно храна, енергија и енергенси за оваа зима, рече Ковачевски.

Се осврна и на вработувањето во технолошко индустриските развојни зони, каде, како што нагласи, во првите 10 месеци од годината биле отворени нови 2000 работни места, од кои само во октомври 200 нови работни места.

Во однос на изградбата на автопатот Кичево – Охрид уште еднаш вети дека ќе биде готов до крајот на идната година, одноно дека граѓаните ќе може да патуваат по нова сообраќајна делница од јануари 2024 година.

Тој проект е од државно значење. Но секако значаен за Охрид, за охридксиот регион, за развојот на туризмот и на нашата економија. Туризмот како значајна гранка за Охрид може својот пик да го достигне само преку политики на интеграција и преку соработка со нашите соседи, нагласи Ковачевски.

Говорејќи за политиките на локално ниво во Охрид, нагласи дека се реализираат проекти наследени од претходниот градоначалник од СДСМ и оти не биле реализирани клучните ветени проекти од актуелното локално раководство.

Претседателката на ОО СДСМ Охрид Кристина Крлеска Деспотоска нагласи дека помина една година откако ВМРО-ДПМНЕ ја презеде локалната власт во Охрид, помина една година на хаос, неработење, партизација, манипулација, популизам и евтина пропаганда.

Никаква реализација на ветените проекти за развој на градот. Наместо планови за надминување на кризата, рационално и домаќинско искористување на сите ресурси, имаа само планови за нови партиски вработувања, неоправдани договори со фирми, зголемување на цени на локални јавни услуги и препишување на заслуги за владини проекти, рече Крлеска Деспотоска.

Таа се осврна на сработеното од претходната локална власт на СДСМ, нагласувајќи дека тој период во Охрид имаше вистински инфраструктурен бум.

Ги реконструиравме улиците „Јане Сандански“, „Македонски Просветители” , „Охридска Бригада“ , „Абас Емин“, улицата „АСНОМ“, „15-ти Корпус” по сите современи стандарди. Изградивме и нова улица во поранешната касарна „Михајло Апостолски“. Работевме според приоритетните потреби и обезбедуваме реконструкција на објектите и набавка на училишна опрема. Изградивме современа Спортска сала во ОЕМУЦ “Свети Наум Охридски”. Изградивме нови детски игралишта на повеке локации во градот. Покажавме грижа во секој сегмент од општествено економско живеење, додаде Крлеска Деспотоска.

Н.С.Ј.

фото. СДСМ