Со користење на успешни владини мерки и средства од Фондот за иновации и развој фабриката за производство на печурки Органска Буковка ДОО во Охрид успеа да развие целосно нов иновативен производ, но и да обезбеди целосно покривање со електрична енергија од фотонапонска централа инсталирана исто така со средства од ФИТР, истакна премиерот Димитар Ковачевски при денешната посета.

Оваа компанија има инсталирано фотонапонска централа од 30 киловати со кои сега во услови на силна енергетска криза целосно ја покриваат потребата од електрична енергија на производството кое е 100% зависно од струја, односно е голем потрошувач. Навистина сум воодушевен што оваа компанија за исклучително краток временски период одлично се позиционирала на домашниот, но и на регионалните пазари пласирајќи свежа буковка во домашните синџири на маркети, но и во трговски мрежи надвор од државата, рече Ковачевски.

Упати повик до производствените компании да инвестираат во сопствени фотонапонски централи со кои долгорочно ќе ги намалат сметките за струја, а со тоа и производствените трошоци.

Со двајцата основачи на компанијата разговаравме и за нивниот развоен бизнис план кој е навистина интересен. Со самото работење дошле на идејата  за дополнителен производ  -да се произведува чисто органска дехидрирана буковка со  иновативна технологија. Развојот на овој нов производ е кофинансиран од средства на Фондот за иновации, што укажува на фактот дека државата нуди поддршка секаде каде што ќе препознае потенцијал за развој и напредок во бизнисот како што е овој. Ги охрабрувам компаниите во земјава да го следат овој позитивен пример, и да ги следат сите економски политики и донесени мерки  од Владата, рече Ковачевски.

Благодарение на   користењето на дел од тие мерки преку Министерството за економија и преку Развојната банка на Северна Македонија, како што се субвенционирање на плати, или пак бескаматни финансиски средства, оваа фабрика успеала да го задржи континуитетот  на работење, но и да се развива, истакна Ковачевски.

Потенцираше дека во мандатот од оваа Влада има веќе инсталирано 27 мегавати фотонапонски централи во државата.

Во моментов во фаза на финализирање се неколку договори за стратешки инвестиции за инсталиран капацитет од еден гигават, во проекти за изградба на фотонапонски и ветерни централи, како и комбинирана гасна електрана и тоа со реномирани големи европски компании, од Франција, Германија и Грција. Од домашните капацитети, тука е електраната „Осломеј“. Токму со оваа инвестиција во фотонапонската електрана од десет мегавати, сопственост на ЕСМ, која се изгради на поранешните наоѓалишта на јаглен во РЕК „Осломеј“ ја започнавме енергетската транзиција на државата. И што е уште поважно, ова е прва во енергетската транзиција од електрана на јаглен во чиста енергија во регионот. Дополнително работиме и на нови, веќе е објавен и јавен повик за изградба на уште 10 мегавати на истото место, во сопственост на ЕСМ.

Веќе се градат и фотонапонски централи по пат на Јавно приватно партнерство со турски и бугарски инвеститори со ЕСМ во Осломеј, со инсталиран капацитет од 100 мегавати, додаде.

Неодамна почна со работа најголемата фотонапонска централа со капацитет од 17 МW, изградена од страна на компанијата од Словенија („Ген-И“). Најзначајниот, историски проект „Чебрен“, сега за прв пат има понуда од изведувач, односно од инвеститор после 13 неуспешни тендери. Доколку се биде според она што е пропишано во документацијата и барањата конечно ќе имаме инвеститор кој ќе може да ја започне изградбата на овој огромен проект. Лидери сме во регионот во енергетска трансформација со огромен потенцијал да станеме зелен енергетски центар на Европа!, потенцираше Ковачевски.

OhridNews