Комисијата за заразни болести денеска треба да ја разгледа можноста за олабавување на КОВИД-мерките и за укинување на полицискиот час, а прва тема за дискусија на состанокот ќе биде носењето маски на отворено.

Одлуката на Комисијата зависи од проценката на целокупната епидемиолошка ситуација и на параметрите, но и од предвидувањата и информациите за КОВИД-соевите како индискиот, кои се потенцијален ризик за државата.

Во меѓувреме, бројот на заразени стивнува, а вакцинирани се речиси 228.000 граѓани.

Последниот официјален КОВИД-биланс е 53 нови случаи, 111 оздравени и 13 починати лица.

Поради ова, надлежните очекуваат ублажување на мерките од идната недела. Владината Група за процена, пак, вчера едногласно реши да предложи продолжување на кризната состојба на територијата на Република Северна Македонија, заради заштита на јавното здравје во услови на КОВИД и спречување на неговото ширење.

Земјаќи ги предвид бројките кои укажуваат на многу брзо стивнување на епидемијата, јас сум оптимист дека следната недела ќе има ублажување на мерките. Не би сакал да шпекулирам кои мерки конкретно. Меѓутоа, сите мерки кои се преземени, ќе подлегнат на уште една дополнителна ревизија. Ние како Министерство за здравство и како Влада, едвај чекаме да ги повлечеме мерките, но без да го ризикуваме здравјето на нашите граѓани, изјави заменик-минисерот за здравство Илир Хасани.

На Хасани му пречи носењето маска на отворено. Го чувствува како товар. Тој е и за целосно укинување на полицискиот час, но, вели, за тоа треба да одлучи Комисијата за заразни болести.

Комисијата ќе донесе одлука врз основа на целокупната епидемиолошка ситуација, на параметрите, врз основа на предвидувањата и информациите што ги имаме во однос на другите соеви кои се потенцијален ризик за нашата држава, како на пример индискиот и други. Треба да бидеме многу внимателни за да го зачуваме здравјето, нагласи Хасани.

Во однос на и натаму големиот број смрни случаи, заменик-министерот смета дека е очекувано тој да се намали две, три, а можеби и четири недели по намалувањето на бројот на новозаболени пациенти.

Како што соопшти Министерството за здравство, вкупно 249 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот се лекуваат на инфективните одделенија во болниците низ земјава, а има 538 празни болнички кревети. Во КОВИД-центрите, пак, се лекуваат 149 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Бројот на приеми се намалува, сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имаат потреба од кислородна поддршка. Поради намалениот број болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за КОВИД-пациенти.

Имунизацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата http://vakcinacija.mk е 425.422 граѓани. Вкупно се аплицирани 267.167 дози вакцини, а ревакцинирани се 54.600 граѓани. Со последните бројки, 46 отсто од населението над 70 години и 40 проценти од населението над 65 години има примено барем една доза вакцина.

Масовна вакцинација се спроведува во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, како и во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.

OhridNews