„Лесното во политиката е да не правиш ништо. Министрите за надворешни работи, заедно со нивните влади и премиери, имаат должност да наоѓаат решенија на проблемите. Мора да имаме соработка со целиот регион. Веруваме во чесни договори, од кои во иднина двете страни ќе имаат придобивки. Да нема некој што ќе изгуби, а некој што ќе добие. Да има еден компромис“ истакна грчкиот министер за надворшени работи, Никос Коѕијас на денешната заедничка прес-конференција со шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров.

Коѕијас нагласи дека во процесот секој треба да го добие тоа што е главно за него и да го даде тоа што е главно за другата страна.

„Верувам во нашата заедничка иднина, во нашата соработка за доброто на нашите граѓани и целата територија. Верувам дека можеме да ги решиме проблемите кои не ги создадовме ние со колегата Никола. Но ќе ги подобриме односите на нашите народи. Стабилноста и безбедноста во регионот се важни. Верувам дека политичките пречки ќе се надминат и ќе донесат до развој на целиот регион“ рече Коѕијас.

Димитров нагласи дека одржливо решение е тоа решение кое ќе биде прифатено од двете страни.

„Иако сме на различни страни и гледања, истовреме сме на иста страна за иднината на двете земји. Натпревар меѓу иднината и минатото. Ќе биде многу важно силите кои сакаат да ја обезбедат иднината, ќе мора и да го земат предвид и минатото, зошто тоа неможеме да го смениме или избришеме“ рече Димитров.

За шефот на грчката дипломатија, уставните промени се природни и како што рече, грчкиот устав претрпел многу промени досега, дека се менува менталитетот и ставовите. Како што истакна, мора да се издвојат приоритетите на двете страни,

„Неможе едната страна да прифати се што ќе предложи другата страна. Постојат компромиси, неможеш да наметнеш на никого како да се однесува“ посочи Коѕијас.

OhridNews

Макфакс