Полицијата и надлежните институции за заштита на културното наследство сеуште работат на утврдување на точниот број на икони и вредни предмети што биле одземени при кражбата што во текот на изминатата ноќ се случи во црквата Св. Ѓорѓи во Струга.

Со преклучување на влезните врати и со употреба на физичка сила е влезено во внатрешноста на  црквата Св.Ѓорѓи.  Од ходникот на црквата, исклучен е алармот по што, засега непознатите сторители на овој вандалски чин, се упатиле кон големата црковна просторија каде што биле изложени поголем број икони. Од тука не е ништо одземено, но одземени се неколку икони од Горната галерија на црквата каде сторителите се упатиле преку скалите во внатрешноста. Бројот на одземените икони сеуште не е утврден бидејки еден дел од изложените икони во Галеријата биле испратени на конзервирање во Скопје, изјави Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.

Во црквата Св. Ѓорѓи во посебно депо се чуваат највредните икони од струшкиот крај.


Речиси истовремено извршен е грабеж и во административната зграда на Музејот во Струга, каде според надлежните не се чувале вредни предмети.

Сите вредни предмети се чуваат со сеф во банка, а крадците евентуално оттука можеле да одземат само некој технички помагала, компјутер и фото апарати кои ги ги користиме за работа, вели Саша Цветковски, раководител на струшкиот Музеј.

Во двата објекти извршен е  криминалистичко-технички увид во кој е вклучена и екипа од Министерството за внатрешни работи на Република Македонија.

OhridNews