Дека градот е расадник на автентични уметници, говорат бројните занаетчиски дуќани и работилници од кои излегуваат уникатни ракотворби. Иако за многумина железото претставува симбол на мрачност и студенило, за некого тоа зрачи со ведрина и светлост.

Креативните раце на пензионираниот охриѓанец Трајко Дурчовски, умеат да го воскреснат ладниот метал во уметнички ремек дела. Од неговото мало ателје во населбата „Христо Узунов“, безживотниот материјал веќе со децении го претвора во несекојдневни скулптури и слики.

Повеќе од 50 години се занимавам со обработка на железото. Работев како бравар, заварувач и ковач. Во уметноста навлегов пред 40-тина години. Најпрво започнав со изработка на украси за рамки на огледала и фенери. Но последниве 15 години ги посветив на скулптурите од метал. Едноставно ми дојде таа идеа, да направам нешто креативно од железото, кое ќе ми остане во спомен и сеќавање.“ – вели 70 годишниот Трајко Дурчовски.

Инспирацијата за делата кои се создаваат од неговите раце, нашиот сограѓанин ја црпи од секојдневните настани, но и од охридските творци. Најзначајна ракотворба во која вложил најповеќе труд, претставува неговиот автопортрет од жица.

Инспирацијата доаѓа спонтано. Кога влегувам во подрумските простории каде ги изрботувам делата, идеите едноставно се појавуваат. Започнав со скултпурата за нашиот деец „Св. Климент Охридски“. Од таму се роди таа желба, да ги изработам сите охридски творци. Почнувајќи од „Св Наум“, словенските просветители „Св. Кирил и Методиј“, па се до Григор Прличев и нашата убава Билјана. Сите овие дела ми се знајачни и го красат мојот дом.“ – истакнува нашиот сограѓанин Дурчовски.

Процесот на изработка на една ваква скултпура, може да трае од две седмици, па се до неколку месеци. Според Дурчовски, најбитен сегмент е добивањето идеа и психичката сталоженост. Алатите кои се потребни за да се изработи едно вакво дело се брусалица, бормашина, чекан, менгеме и ножици за сечење на плех.

Најповеќе користам материјали од автомеханичарските работилници. Меѓу нив се зглобовите, јабучиците и лагерите. Зглобот го поставувам како постолје, додека од металните топчина изработувам грозд или глава за скулптурата. Откако делото ќе го изработам, железото го заштитувам со различни лакови.“ – потенцира Дурчовски.

Со ремек делата на Дурчовски, до сега се запознаени охриѓани, битолчани и штипјани преку неколкуте самостојни изложби. Исто така, во слободното време умее да ги преточи емоциите во пишан збор. До сега има издадено три книги со поезија, меѓу кои „Дружба со ветерот“, „Мајчина душица“ и „Железен сон“.

За крај, нашиот автентичен уметник се надевам дека во периодот кој претстои, ќе успее да направи уште некоја изложба.

Оваа уметност е тешка за изработување. Ако човек нема разбирање од браварија, заварување или ковачки занает, не може да создаде некое вакво дело. За во блиска иднина, се надевам дека ги претставам моите скулптури во Куманово и секако во Охрид.“ – завршува 70 годишниот уметник Трајко Дурчовски.

O.T.