Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР до OЈО Скопје поднесе кривична пријава против 36-годишен скопјанец поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело-“производство и дистрибуција на детска порнографија“. Пријавениот, според документираните сознанија од истрагата, преку неговиот компјутер прибавил детска порнографија во форма на фотографии и видео запис, при што истата ја зачувал на локалниот диск на компјутерот, со што сторил кривично дело-“производство  и дистрибуција на детска порнографија“.

Имено, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, вршејќи редовно набљудување на базата и нејзините корисници регистрира сомнителна активност од корисници со македонски ИП адреси. Со оглед дека користената база дава можност за преглед на содржината на електронските материјали (слики, видео и сл.) кои се разменуваат од страна на корисниците во истата, беше направена проверка на фајловите кои се прегледувани од страна на корисниците со споменатите македонски ИП адреси. Притоа констатирано е дека од страна на корисник преземен е електронски материјал (фајл), како и други фотографии кои претставуваат компромитирачки материјал каде е прикажана сексуална злоупотреба на малолетно лице.

Со наредба издадена од Јавен Обвинител при ОЈО – Скопје, побарано е од интернет провајдерот доставување на комплетни податоци за корисникот на  ИП адресата и по претходно обезбедена судска Наредба за претрес на дом издадена од Судија на претходна постапка извршен е претрес на дом и други простории кај сега веќе пријавениот при што е пронајдена компјутерската опрема за која постојат основи на сомнение дека преку истата е извршено кривично дело, а беа запленети и огромен број на слики и видеа во склоп на компјутерската опрема.