Против седум геодетски друштва од Охрид ќе бидат поднесени кривични пријави поради откриени неправилности во работењето, односно повреда на авторски права и интелектуална сопственост затоа што користеле нелиценциран софтвер.Од овие правни субјекти одземени се и 19 компјутери, а изречена е и глоба во висина од 9600 евра.

Како што информира претседателот на Координативното тело за заштита на интелектуалната сопственост, Мите Костов, во денешната акција во која учествуваше и СВР- Охрид и пазарниот инспекторат, опфатени се и кабелските телевизии Инфел и Алтрасат, каде контролите се во тек. Поради повреда на авторски права од КТВ кабелската телевизија одземени се 49 ресивери, а ќе бидат поднесени и соодветни пријави и глоба од 3200 евра.


Откриени се и неколку случаи на повреди на индустриска сопственост на познати брендови, поради што од страна на државниот пазарен инспекторат на неколку фирми им е изречена глоба од 5200 евра, како и 6 едукации.

Тоа што и при денешната контрола се спомнуваат исти имиња на правни субјекти кои биле казнети и при претходно извршените контроли, Костов со коментар:

– Или не се плашат од казните или имаат многу пари или ќе завршат во затвор. Тоа е нивно право, но ние мора да ги исконтролираме, а онаму каде се откриени неправилности да поднесеме кривични и прекршочни пријави и глоба, а понатамошната постапка е на судовите, рече Костов.

Тој изрази задоволство од ефектите од досега спроведените контроли. Како што потенцира, полека во Македонија процентот на пиратерија и непочитување на интелектуалната сопственост се намалува.

Т.К.