Последиците од корона кризата стануваат се подлабоки. Се чувствуваат во стите сфери од животот. Автотранспортните претпријатија не се исклучок. Напротив, оваа индустрија е една од најпогодените. По ставањето во мирување на меѓународните линии и редуцирање на меѓуградскиот превоз, проблем се јави и во одржувањето на редовните локални линии. Поради крајно неповолни економски услови, АД „Галеб“ Охрид од 6 јануари повеќе не сообраќа на линијата Охрид – Св. Наум во вообичаените 6 термини дневно.

  • Се откажавме од одржување на линијата Охрид – Св. Наум поради тотална економска неисплатливост и нелојалната конкуренција, односно дивиот превоз. Одржавме состанок со одговорните во Општина Охрид, на кој укажавме дека како компанија повеќе не сме во можност да ги трпиме финансиските загуби. – изјави за OhridNews Димитар Василески, директор за сообраќај во АД „Галеб“.
Ковид кризата силно го погоди автобускиот превоз

Од Општина Охрид велат дека по известувањето од редовниот превозник дека не е повеќе во можност да ја одржува линијата кон Љубаништа и Св. Наум поради потешкотиите што ги предизвика здравствената криза, преземени се мерки за надминување на таквата состојба.

  • Надлежните служби на општина Охрид започнаа постапка за издавање дозвола и регистриран возен ред за друг превозник којшто ќе го врши превозот до с. Љубаништа и Св. Наум. – изјавија за OhridNews од Општина Охрид.

Локалните жители, пак, велат дека се соочени со сериозен проблем. Апелираат до надлежните на што поскоро надминување на проблемот и повторно воспоставување на редовна автобуска линија Охрид – Љубаништа – Св. Наум, која е неопходност за малубројното население.

OhridNews