Во Белчишта, општина Дебрца, вечерва ќе биде отворена 41. “Ликовна колонија – Дебрца”.

Учествуваат 10 ликовни уметници од земјата и светот, мегу кои како почесен гостин, и светски афирмираниот, академскиот ликовен уметник Јордан Манасисески, редовен учесник на Колонијата од самите нејзини почетоци.

Застапени се уште: Zsuzsanna Ardo – Лондон, Наталија Студенкова – Словачка, Дуња Корломановиќ – Србија, Лидија Вујишиќ – Скопје, Славица Танеска – Охрид, Михаил Клечкароски – Струга, Филип Јовески – Прилеп, Вангел Крстиноски – Ресен, Михаил Велјаноски – Охрид, Мелани Тасеска – Охрид.

Во изминативе 4 децении, збирката на Галеријата на Интернационалната уметничка колонија „Дебрца”, именувана како ‘Ѓорѓија Целески”, во чест на основоположникот на Колонијата, ја надмина бројката од 700 ликовни дела од врвни уметници од Македонија, почнувајќи од академик Димче Коцо, како и десетици познати ликовни дејци од светот.

Темата на овогодишното издание на Колонијата е „Од камен до код – ехо на земјата, глас на иднината“.

Вечерва свечено ќе биде отворена и Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“, која годинава ќе се одржува до 6 јули и ќе собере уметници од Македонија, Србија, Романија, Полска и Украина.

Свеченото отворање е закажано за 20 часот во ресторанот „Виа Игнација“, а ќе биде збогатено со концерт на македонската група „Љубојна“, како и настап на музичкото дуо Мицевски и Пејчиноски.

Колонијата, која се одржува од 2009 година, прерасна во еден од препознатливите културни настани во регионот, промовирајќи ја ликовната уметност и културната размена меѓу автори од различни земји и генерации.

Годинава посебен акцент е ставен на поддршката на младите таленти преку проектот за млади сликари што се реализира во рамки на платформата „ШП-арт“ на Шпаркасе Банка. Во програмата е вклучена и четвртата Детска ликовна школа под водство на проф. Марјана Костојчиноска Узунчева.

Во текот на десетдневниот престој во Вевчани, учесниците ќе создаваат дела инспирирани од природата, архитектурата, традицијата и културното наследство на ова живописно место.

Организаторите посочуваат дека „Вевчански видувања“ останува посветена на својата мисија – поттикнување на уметничкото творештво, културниот дијалог и поддршката на новите генерации уметници, истовремено афирмирајќи го Вевчани како значаен културен центар на домашната и меѓународната сцена.

OhridNews