За прв пат годинава, од 20- ти до 28- ми јули, во селото Трпејца  ќе се оддржи манифестацијата културно- забавно лето „На зајдисонце“, во организација на Здружението за развој и промоција „За Трпејца со љубов“, а со поддршка од Месната заедница и Црковниот одбор од селото.

Селото Трпејца е познато по прекрасните зајдицсонца и затоа се одлучивме за овој назив. Идејата се роди спонтано на заеднички собир на почетокот на оваа година, меѓу луѓето кои потекнуваме од ова село и сакаме да помогнеме во неговата афирмација, рече на денешната прес- конференција Милчо Јованоски, член на здружението „За Трпејца со љубов“.

Во текот на првиот ден, гостите во Трпејца ќе имаат можност да проследат  изложба на фотографии од Никола Павлески, промоција на книга со анегдоти од истиот автор, а предвиден е и настап на ученик од ОМУ „Методи Патче“.

Како што најави Јованоски, тенденција е оваа манифестација да премине во традиција.

Се надевам ќе имаме сили, а и има и многу љубители на Трпејца кои не упсеавме да ги анимираме и кои ќе ни помогнат наредните години да направиме нешто уште посериозно и поквалитетно од првото издание. Немаме намера да бидеме пандан на некои други поголеми манифестации во Охрид и пошироко, туку сакаме само да го заживееме ова туристичко место и да им помогнеме на оние кои живеат од туризмот и угостителството да имаат понуда повеќе, затоа што помина времето кога се бараше само соба и плажа. Се повеќе гостите сакаат да бидат активни додека се на одмор, рече Јованоски.

Во текот на деновите од културно- забавното лето во Трпејца предвидени се и курсеви по пливање, работилници по англиски јазик, презентации на Нуркачкиот центар „Амфора“ и кајакарскиот клуб „Рибар“ , а секоја вечер ќе има настапи на учениците од музичкото училиште „Методи Патче“.

Т.К.