Василичарскиот оган и разните маски и годинава ќе бидат атракција во селото Куратица. Карневалот  започнува денеска кога поворката на чело со зетот и невестата ќе ги посети сите куќи во селото.

„Годинава карневалот ќе биде  подобро организиран за разлика од претходните години. Нудиме вино, топла ракија и бесплатна храна во изобилство, а ќе има и богат огномет“, вели Горан Ангелоски од организациониот одбор  на манифестацијата.

Официјалното отварање на карневалот е утре во 18 часот а забавата што ќе трае  до 01 часот по полноќ ќе биде збогатена со музиката на Анета и групата „Тандеми“.

„За најдобрите маски имаме награден фонд од 800 евра. Ќе се вреднуваат трите најубави возрасни маски, како и три детски маски, но утешна награда ќе има за сите детски маски. И годинава нема да изостане василичарската лотарија“, најавува Ангелоски.

Од здружението „Свети Василиј“ кое континуирано го организира карневалот во Куратица најавуваат дека патот до селото е прооден, а за гостите ќе биде обезбеден и  превоз за назад во вечерните часови.

Мештаните на Куратица велат дека карневалот е стар колку што е старо и селото. Според се уште непотврдени податоци, тој  се организира уште од 1575 година.

А.Р.