Од општинската СДСМ со критики околу измената во статутот на ЈП „Нискоградба“ и програмите за работа изгласани од советот во месец јуни. Како што рече на денешната прес конференција портпаролот на ОО на СДСМ, Александар Кузески, со бришењето на условот за задолжително работно искуство од 5 години при избор на директор на ЈП Нискоградба, партијата ВМРО-ДПМНЕ покажала крајна несериозност кон потребите на граѓаните.

ДПМНЕ, дозволувајќи за директор на јавно претпријатие да може да биде наименуван човек без ниту еден ден работно искуство, всушност покажа дека воопшто не се грижи за реалните потреби околу сервисирањето на услугите на граѓаните, туку дека се води исклучиво од сопствените партиски интереси. Централната власт наметнува полагање за лиценци за воспитувачките во градинките, ги враќаат чекор назад давајки им да учат теорија, на такси превозниците  им наметнуваат обврска да учат англиски јазик, па невидена глупост е после сето ова во условите кои се пропишани во конкурсот за директор на ЈП „Ниско Градба“, да не се постави како критериум познавање на странски јазик, рече Кузески.

Од СДСМ со забелешки и околу донесените програми на 6-тата седница на Советот.

Мнозинството предводено од ДПМНЕ донесе “ нови програми “ во сите дејности под ингеренции на локалната самоуправа. Нашите советници од  опозицијата тогаш тврдеа дека тоа се измени и дополнувања на веќе донесените програми на овие дејности. Сега по 5 месеци, на 14-тата седница истите тие ставки и дел од предходните ги кратат во делот за финансирање или целосно ги бришат. Нивната реализација, како што се фалеше новата градска власт од ДПМНЕ, требаше да биде покриена со кредит од 3 милиони евра. Сега, со повторниот ребаланс на буџетот, односно со неговото кратење, се покажа дека опозицијата беше во право, кога пред 6 месеци се спротивстави на таквата непромислена, нереална и неостварлива политика со општинскиот буџет. Тоа е многу јасен показател дека ниту знаеле што донесуваат, ниту имале капацитет и визија што ќе реализираат, изјави Кузески.

Тој додаде дека новата локална власт во последните 6 месеци не изготвила ниту еден издржан проект, што би ги задоволил условите да биде одобрен и финансиран од ветениот кредит и дека не донела нови развојни програми. Прво го зголемила буџетот за 3 милиони евра, па од кога не бил добиен ветениот кредит го скратила за неверојатни 33%.

Портпаролот на ОО на СДСМ се осврна и на вчера одржаниот прес од страна на координаторот на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ, Сашо Донев.

Ако праксата на ДПМНЕ е спроведување на директиви од нивниот комитет присилно и насилно, тогаш во СДСМ е обратно. Кај нас владее демократија и почитување на личноста на човекот. Донев кажува дека на ОУ „Григор Прличев“ Охрид е блокирана сметката за девет милиони денари, направени трошкови во 2011 и 2012 година. Да, сметката е блокирана за посочената сума, по извршно судско решение за надомест за одземено земјиште од 467м2 од приватно лице во 1987 година од страна на Општина Охрид. Постапката за надомест пред Основниот Суд во Охрид е започната уште во далечната 1997 година, а завршила 2013 година во корист на тужителот. Бидејки имотот сега е во сопственост на Општина Охрид логично е средствата за одземено земјиште да ги надомести Општината а не ОУ „Григор Прличев“, додаде Кузески.

OhridNews