Од општинската организација на СДСМ со критика до градоначалникот дека го довел во прашање угледот на охридската гимназија поништувајќи го изборот за директор.

– Прогласувајќи ја крајно чистата постапка за избор за невалидна, градоначалникот покажа дека по наредба на првиот човек на ДПМНЕ во Охрид, може и мора без ниту малку срам да гази врз чувствата, достоинството  и  изборот на вработените, родителите и учениците, изјави на денешната прес- конференција портпаролот на ОО на СДСМ, Александар Кузески .

Нагласувајќи дека постапката за избор на директор била легитимна и во согласност со позитивните закони, тој додаде дека е очигледно дека резултатот од  изборот очигледно некому не му одговарал.

– Како ќе ја смените волјата на членовите на училишниот одбор, кои веќе јасно ставија до знаење дека професорот  Јамандиев со 9:1 е најпосакувана личност за директор од пријавените . Кој има корист од ваквата ваша одлука: двајца, тројца или пет ваши налогодавци?Дали со ваквата ваша одлука ја покажувате својата немоќ да донесете вистинска одлука, ако таа не му се допаѓа на вашиот шеф од општинскиот комитетот на ДПМНЕ и дали ако не се промени волјата на училишниот одбор, вие со репресивни мерки ќе ги смените нив со други членови?, се прашањата кои Кузески ги упати до градоначалникот Бакрачески.

Кузески додаде дека договорите на шеесетината наставници кои од страна на ВМРО-ДПМНЕ биле вработени на  2-ри септември во охридските училишта се завршени, но дека училиштата сеуште немаат добиено согласности од Министерство за Образование и Наука за објавување оглас за вработување наставници.

Портпаролот на ОО на СДСМ се осврна и на неодамнешното повторно пуштање во употреб ана мостот кај ОУ „Христо Узунов“.

– Во неделата бевме сведоци на уште една фарса во режија на ДПМНЕ. Во употреба беше пуштен мостот кај училиштето „Христо Узунов“, со доделување на признанија за донаторите, со сликање за медиуми, изјави и сл. Ништо нема да беше чудно, ако тој мост не беше изграден пред околу десетина години и нормално, со сите церемонии тогаш пуштен во употреба. Како што беше кажано, било санирано осветлувањето, подот и сл. Па зарем тоа не се тековни поправки на еден таков објект?! Зарем за секоја смената светилка треба да се прават церемонии?! Па на тој мост којзнае колку десетици пати до сега беше санирано осветлувањето, беше саниран подот, покривот и слично и никој немаше потреба да дознае за сето тоа, зошто секако, тоа се тековни работи, рече Кузески.

OhridNews