На свеченост што се одржа денеска во рамки на официјалната програма за одбележување на патрониот празник на Охрид, Св. Климент Охридски – Чудотворец, беше откриена пригодна мермерна плоча посветена на Михајло И. Пупин на камбанаријата покрај црквата Св. Богородица Перивлепта. Иницијативата е на ЛК Лихнидос од Охрид, кој ја подари плочата, која ја открија двајца потомци на Пупин од Македонија и Србија.

-Ова е голем ден да се обнови камбанаријата и да се потсетиме на Михајло Пупин. Денес тој ни е  повторно потребен да им служи како пример на младите дека од овчар може да се стане и научник. Особено во ова време на лажни вредности и разно разни старлети и погрешни идоли кои ни се наметнуваат. Пупин треба да биде задолжителна литература во училиштата. – рече неговиот потомок од Србија Стефан Пупин, кој специјално допатува во Охрид за овој чин.

Камбанаријата кај црквата Св. Богородица Перивлепта е изградена во 1923 година со средства од фондацијата на Михајло Пупин, кој многу ја почитувал Македонија, бидејќи неговата мајка потекнувала од овие краишта. Интересно е тоа што тој никогаш не дошол во Охрид, но под влијание на свештеникот Николај Владимировиќ кој му раскажува за Охрид и неговата духовност и значење за православниот свет Пупин, кој инаку бил многу побожен, издвоил средства за повеќе намени, меѓу кои и за изградба на камбанаријата која во тоа време била најголема на Балканот, како и за изградба на поранешната „Радничка школа“ во која денес се наоѓа охридскиот Завод и Музеј, а го помагал длаборезот, но и образованието на сиромашни деца во Охрид.

Камбаната за камбанаријата била лиена во Љубљана, Словенија и тежела 2,5 тони. Патувала до Охрид со железница, а потоа и со запрега која ја влечеле волови. За да биде искачена на охридското кале бил изграден пат, раскажува историчарот, истражувач и научен работник, пензионираниот професор Павле Митрески.

Митрески во своите публикувани книги и научни трудови посветени на Михајло Пупин открива еден интересен момент за политичките определби на големиот генијалец и научник, кој се залагал за осамосојување на Македонија, поради што дошол во судир со српските власти.

-На Париската конференција во 1918 година Пупин инсистира, за што најдов оригинален записник, Македонија да добие автономија, тоа многу значи. А Никола Пашиќ, претседателот на тогашната српската влада кога разбрал дошло до голема караница, поради што Пупин трпел сериозни последици кои успеал да ги надмине. – истакна професорот Митрески.

Камбанаријата на Пупин денеска е целосно реновирана од страна на охридскиот Завод и Музеј. Како изгледала таа, но и Охрид во периодот кога е оригинално изградена во 1920-те години во минатиот век, охриѓани имаа можност да видат на фотографиите од изложбата што во црквата Св. Богородица Перилвлепта ја организираше Лајонс клубот Лихнидос. Изложбата ја помогнаа поединци и институции, меѓу кои и Завод и Музеј Охрид.

-Собравме околу 100 оригинални фотографии од Охрид од периодот помеѓу 1920 и 1930 година на кои можат да се видат интересни моменти од историјата на Охрид кој тогаш ги лекувал раните од многуте војни и востанија. Во еден таков момент доаѓа донацијата на Михајло Пупин кој вложува тогаш огромни пари во Охрид во изградба на камбанаријата кај Перивлепта, во бројни други објекти и за помош на сиромашните, а малкумина за тоа знаат. Токму тоа беше причина да ја реализираме оваа иницијатива. – изјави Зоран Тунтев од ЛК Лихнидос.

ЛК Лихнидос на плоштадот кај Перивлепта постави пригодна плоча до стариот коџечик (дрво од видот на цреша) кој пред 130 години го засадил великиот Григор Прличев по повод 1000 годишнината од смртта на првоучителот Св. Методиј. Денеска клубот Лихнидос непосредно до стариот кочеџик засади уште еден млад коџечик во знак на почит кон 1100 годишнината од упокојувањето на Св. Климент Охридски – заштитникот на Охрид.

Пригодната мермерна плоча кај стариот кочеџик ја откри градоначалникот на општина Охрид Никола Бакрачески кој упати благодарност до ЛК Лихнидос за блогородната идеја.

– Овој стар кочеџик сведочи за едно време, но и за културата, традицијата и вредностите на овој град. – рече градоначалникот Бакрачески.

ЛК Лихнидос наскоро ќе реализира уште една интресна иницијатива за одбележување на значаен историски момент од животот на Охрид, со цел охриѓани да се потсетат, а посетителите да се информираат за интересните случувања и моменти од минатото на древниот град.

Г. Момироски