По завршувањето на стратешкиот економски дијалог меѓу владите на Северна Македонија и Хрватска, генералниот директор на АД МЕПСО, доц. д-р Бурим Латифи, заедно со претседателот на Управниот одбор на познатата хрватска компанија КОНЧАР, Гордан Колак, извршија увид во градежните работи на новата 400 kV трафостаница во близина на Охрид.
Оваа трафостаница, велат од АД МЕПСО, претставува една од клучните компоненти на проектот за енергетска интерконекција меѓу Северна Македонија и Албанија, проект од особено стратешко значење за целиот регион.
Со оваа заедничка теренска посета, Латифи и Колак го потврдија максималното институционално и професионално заложување за што побрзо завршување на проектот. Станува збор за инвестиција што ја надминува класичната инфраструктурна димензија, создавајќи основа за поголема енергетска сигурност, посилна регионална поврзаност и подобро позиционирање на државата на идниот европски пазар на електрична енергија, посочуваат.
Проектот за интерконекција со Албанија, потенцираат, се очекува значително да придонесе за стабилноста на електроенергетскиот систем и за зголемување на капацитетите за размена и пренос на електрична енергија во регионот.
Проектот се очекува да заврши во текот на 2026-та година.
OhridNews

















