Министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров пристигна во Охрид, каде денеска ќе оствари средби со македонскиот државен врв.

Во тек е тет а тет средба на министрите за надворешни работи на Македонија и Руската федерација, Антонио Милошоски и Сергеј Лавров, по што ќе следи разговор помеѓу двете делегации. Лавров ќе оствари средба и со македонскиот премиер, Никола Груевски, а во негова чест претседателот Ѓорѓе Иванов ќе приреди свечен ручек во вилата „Билјана“.


Како што дознаваме, министерот Лавров на Македонија ќе и предаде важни историски документи од архивите на Русија поврзани со животот на Крсте Петков Мисирков и Илинденското востание. Како што информираат од македонското министерство за надворешни работи на средбата во Охрид ќе стане збор за македонско-руските односи, со посебен акцент на економнската соработка.

Двајцата министри ќе потпишат план за консултации помеѓу министерствата за надворешни работи за 2011 и 2012 година.

Предвидено е рускиот министер да присуствува на исложбата по повод 150 годишнината од отворањето на рускиот конзулат во Битола, а  ќе ги разгледа и културно-историските знаменитости на Охрид.

Г. Момироски