Македонската ракометна репрезентација не успеа да се пласира во главната рунда, откако изгуби (24-22) од Исланд во клучниот меч од групата Б во Минхен. „Црвено жолтите“ ќе продолжат во Президент купот, додека Исланд ќе биде дел од 12-те селекции.

Капитенот на „црвено жолтите“ Кирил Лазаров после натпреварот изјави дека поразот од Исланд и неуспешниот обид на македонската репрезентација да се пласира во главната не смее да не обесхраби и никако не смее да се крене раце од ракометот.

  • Добивме квалитетна група, јас и пред Мундијалот кажав дека ќе биде светско чудо ако минеме во наредната рунда. Полека почнува да се прави промена на генерации. Многу млади деца влетаа во оваа репрезентација, со никакво искуство, со нас неколку поискусни. Меѓутоа ова е Светско првенство и овие натпревари се добиваат на искуство. Како поминува времето, така се губи и енергија. Не успеавме, дојдовме со „детска градинка” на ова првенство, меѓутоа за овие млади играчи, имам само позитивни зборови. И јас сум бил млад играч, знам дека не е лесно кога си првпат некаде. Имав многу натпревари за да стигнам онаму кадешто сум. Мора да ги охрабриме младите. Гарантирам дека Македонија нема да треба да се грижи за иднината, ако продолжи да се работи на ваков начин. Младите видоа како е да се игра под притисок, како е кога се победува, како е кога се губи, како е кога мора да се победи… Најлошата комбинација во моментов е сите да кренеме раце и да се откажеме. Мора да ги засукаме ракавите и да работиме. Не смее ова невлегување во втората фаза да не демотивира и едноставно сето она што сме го граделе да го фрлиме низ вода. Блиску сме до пласман на ЕП 2020. Потајно посакувавме квалификации за Олимпики игри, тоа ни беше голема желба, меѓутоа знаевме дека тоа ќе биде тешко. Ќе имаме уште една шанса на Европско првенство, ќе видиме што ќе биде. – изјави Лазаров.

Десниот бек во Македонија статистички има најдобри бројки во првата фаза на СП, со кои уште еднаш го потврди својот квалитет и реноме во светската ракометна елита. Нашата селекција мечевите на Мундијалот ќе ги продолжи во Президент купот. Првиот меч го играме против Русија утре со почеток во 13 часот.

OhridNews