Авантуристичкиот клуб „Mountain Madness“ по седми пат организира незаборавен викенд со многу авантура, планинарење, велосипедизам, логорување, забава и уживање. Фестивалот на планината и езерото ќе се одржи на 20 и 21 јуни.

Авантурата започнува во сабота, 20 јуни, со рекреативни велосипедски тури на локации покрај Охридското Езеро, со што ќе се одбележи Денот на Охридското Езеро – 21. Јуни. Настанот продолжува во попладневните часови, со логорување во месноста „Корита“ каде што се организира камп со логорски оган и уживање со звуците на гитарата, но и во вкусна традиционална храна.  Во текот на вечерта присутните ќе се запознаат и со дел од приказната и интерсни случки на планината Галичица.

Главниот настан, искачување до врвот Магаро ќе биде во недела, на 21 јуни, од 08:00 часот. Акцијата започнува со стартна точка од месноста „Липова Ливада“ која се наога на 1.600 м.н.в. Патеката е во должина од 9 километри и во времетраење од 5 часа во двата правци. Оваа година ќе се организира и полесна тура од истата стартна точка до врвот Лако Сигној, од каде се простира одличен поглед на двете езера. По искачувањето на врвовите, ќе се следи забава на плажа сé до зајдисонце. Не пропуштајте ја единствената можност во ист ден да бидете на врвот на планината и да се капете во Охридското Езеро, велат организаторите.

Галичица е планина сместена помеѓу двете најголеми езера во Република Македонија, Охридското и Преспанското. Врвовите на Галичица нудат неверојатен поглед кон двете езера и околните планини.

Со оглед на тоа што фестивалот вклучува повеќе настани, од вело тура, логорување, искачување на Магаро, забава на плажа… избор на учесникот е во која ќе се вклучи, а може да направи и комбинација, посочуваат организаторите.

Истакнуваат дека за време на акцијата за сите учесници влезот во НП „Галичица“ ќе биде слободен, а секој учесник треба да поседува планинарска опрема, храна од ранец и 1,5 литар вода. Додаваат дека учесниците одат на своја одговорност и за секое непочитување на маршутата и правилата поставени од организаторот сами одоговараат за последиците.

За подетални информации сите заинтересирани можат да ги контактираат Мишко Танески на тел. 070/771-193 и Жанко Голабоски на тел. 075/607-608.

OhridNews