Договор за поинтензивна комуникација за која дополнително ќе се одлучува дали ќе прерасне во предизборна коалиција е исходот од средбата на лидерите на СДСМ и ЛДП, Бранко Црвенковски и Андреј Жерновски, што вчера се одржа во Скопје, пренесува „Макфакс“.

Актуелните политички состојби и правецот во кој се движи државата биле во фокусот на разговорите на двајцата лидери.

„Оцените ни се слични, да не речам идентични. Заедно оценивме дека во клучни области состојбите се катастрофални. Имајќи предвид дека власта нема намера да ги коригира политиките, нашите предвидувања се дека работите ќе одат од лошо во полошо. Сето тоа наметнува ситуација во која политичките партии од опозицијата имаат одговорност да воспостават што е можно поголема комуникација и соработка за да се изврши притисок врз власта да ја коригира својата политика, а ако тоа не се случи, да дојде до промена на власта“, изјави Црвенковски.

Првите луѓе на СДСМ и на ЛДП без конкретен одговор дали нивната соработка ќе резултира и со коалиција.

„Што ќе излезе од тоа, дали ќе заврши со конкретна соработка ќе видиме“, рече Жерновски по средбата со Црвенковски.

Средбата Жерновски – Црвенковски се случи два дена по првиот заеднички јавен настап во Охрид на коалицијата „За демократска Македонија“ што ја сочинуваат ЛДП, ВМРО НП, Достоинство и Обединети за Македонија.

OhridNews