Стрелците во првите осминафинални натпревари во Лигата на Европа не ги имаа наместено нишански справи и постигнаа само десет погодици во осум натпревари. Најефикасниот натпревар се одигра на “Вајт Харт Лејн“ каде Тотенхем со 3-0 го совлада “калчолигашот“ Интер.


Актуелниот европски првак, Челси претрпе минимален пораз 1-0 од романската Стеуа, за која настапува македонскиот репрезентативец Даниел Георгиевски. Тој се врати на тренинзите, но сеуште не беше 100% подготвен да конкурира за составот.

Во првите натпревари одлична предност на гостински терен обезбедија Лацио и Фенербахче кои триумфираа над Штутгарт 2-0 односно Викторија Плзен 1-0.

Резултати : Тотенхем – Интер 3-0, Викторија Плзен – Фенербахче 0-1, Штутгарт – Лацио 0-2, Базел – Зенит 1-0, Бенфика – Бордо 1-0, Леванте – Рубин Казан 0-0, Стеуа – Челси 1-0, Анжи – Њукасл 0-0.

Повратни натпревари од осминафиналето во Лигата на Европа се играат за една седмица.

Мх.П.