Во рамки на музичкиот дел од програмата на годинешното издание од фестивалот „Охридско лето“, на 1- ви август, публиката ќе има можност да проследи несекојдневен музички настан кој ќе ги обедини класичниот и популарниот музички израз. Станува збор за проектот наречен „Леб и Сол Symphony“, кој претставува заедничка уметничка креација на членовите на култната македонска музичка група „Леб и сол“ (Кокан Димушевски – клавијатури, Бодан Арсовски – бас, Димитар Божиков – гитара и Михаил Парушев – тапани) со камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија- jeunesse Moving orchestra , под диригентската палка на Саша Николовски-Ѓумар.

– Историјата на современото македонско творештво на маркантен начин е обележана со музиката која зад себе ја остава групата „Леб и сол“, во која длабоко е вткаен прогресивниот музички израз. На овој концерт на публиката ќе и биде понудено најквалитетното од репертоарот на „Леб и сол“, донесено низ звукот на класичниот оркестар – звук кој сугерира една сосема поинаква димензија, која претставува логична последица на 35-годишната кариера на бендот, вели музичкиот селектор на фестивалот Гордана Јосифова- Неделковска.

    
Оркестрациите на Кокан Димушевски  за Jeunesse moving orchestra нудат сосема поинакво видување на популарните композиции на „Леб и сол“, меѓу кои „Деветка“,  „Бистра вода“,  „Учи ме мајко карај ме“, „Ајде сонце зајде“,  „Леб и игри“,  „Галеб“,  „Си заљубив  едно моме“, „Параматма“,  „Скакавац“,  „Јовано Јованке“,  „Како ти драго“,  „Ручни рад“, „Астролаб“, „Локомобила“. Овие композиции содржат специфична фузија на амбиентот,  драматургијата и романтиката на класичниот звук и уникатната  музичка  филозофија наречена ЛЕБ И СОЛ.

OhridNews