Премиерот Зоран Заев, Министерот за здравство Венко Филипче, Министерот за финансии Драган Тевдовски и Директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев, ги усогласиле ставовите, по што е постигнат договор со компанијата – производител, за набавка на лекот „Спинраза“ за третман на лицата со спинална мускулна атрофија – СМА во Македонија, информираат семејствата на лица со СМА.

Останува во периодот кој следи, правните тимови на Владата и на производителот, согласно законите да го припремат договорот и истиот по официјално потпишување да влезе во имплементација.

-Би сакале да изразиме огромна јавна благодарност до Премиерот и неговиот тим за разбирањето и заложбите, во име на сите СМА пациенти и семејства во Македонија. 

Огромна јавна благодарност и до сите наши пријатели, другари, соборци, активисти, граѓани, роднини, сите знајни и незнајни, за придонесот и поддршката во нашата позитивна кампања за добивање на лекот Спинраза. – се вели во соопштението на иницијативата „СТОП СМА Македонија“.

Инаку, свој придонес во битката за права на лицата со СМА даде и Охрид кој во декември минатата година организираше голем хуманитарен настан за поддршка на лицата со спинална мускулна атрофија.

OhridNews