Охрид и Струга ова лето ќе живеат во ритамот на смеата. Од 21 јули до 13 август ќе се одржи осмото издание на Summer Comedy Marathon 2026, фестивал што носи 21 стендап шоу на седум различни локации во двата града.

Фестивалот ќе започне на 21 јули со настап на интернационалниот комичар Амос Гил, кој настапувал и заедно со светски познатиот стендап комичар Џим Џефрис.

Кулминацијата на летниот комеди-маратон ќе биде на 13 август, кога на стадионот „Билјанини извори“ ќе се одржи големото финале – јубилејно шоу со кое стендап комичарот Никола Тодороски ќе одбележи 15 години кариера.

Комеди маратонот го завршуваме со гранд финале на стадионот ‘Билјанини извори’. Таму ќе се случи јубилејно шоу по повод 15 години од мојата стендап кариера, најави Тодороски.

На спектакуларната завршница специјални гости ќе бидат Тино и Атанас, шоуто ќе го отвори Никола „Братучед“ Сиљаноски, а за дополнително вжештување на атмосферата ќе биде задолжен DJ Face.

Билетите се веќе пуштени во продажба и може да се набават онлајн преку платформите TIX.MK и HAHAHA.MK, а влезници за големото финале ќе има и на продажното место кај Аждер во охридската чаршија.

OhridNews